Јавното обвинителство работи на расветлување на случајот со починатото малолетно девојче во битолската болница, објави Макфакс.

Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, изјави дека се обезбедуваат сите докази со кои ќе се открие која е причината за згаснување на младиот живот.

„Јавниот обвинител од Битола ги презема потребните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето, резултатите од обдукцијата сè уште не се добиени. ЈО работи и на други докази од повеќе лица, кои може да помогнат во расветлување на случајот“, изјави Јовески.

Смртта на 6-годишното девојче ги крена на нозе македонските граѓани, кои вчера излегоа на протест преку кој го искажаа својот револт за немилиот настан.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, каде што почина петгодишната Јана Христовска. Здравствените инспектори констатирале дека на девојчето му била дадена гликоза заедно со физиолошкиот раствор, но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите што го третирале девојчето. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници што го третирале детето.

Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на ќерка им пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.