По нашето прво обраќање за проектот „Пензионерите за децата“, Герасимовски должи конкретни одговори. Не станува збор за обична најава или уште едно неисполнето партиско ветување, туку за проект во кој во програмата се предвидуваат 700.000 денари од парите на граѓаните, истакна Стефанија Бојаџиева Марковска, член на ОК Центар.

Таа потсети дека Герасимовски најави ангажирање на пензионирани наставници и професори кои требаше да држат бесплатни дополнителни часови по предметите математика, физика, информатика и странски јазици за учениците од седмо, осмо и деветто одделение. Во самата програма дури е наведен и конкретен рок за реализација од септември 2026 до јуни 2027 година.

Но, денес, на крајот на месец ноември, нема јавно достапни конкретни докази дека проектот е веќе почнат. Нема објавени податоци за избрани и ангажирани професори, нема информации за реализирани часови, нема податоци за бројот на опфатени ученици, ниту пак извештај за потрошените средства, посочи Бојаџиева Марковска и упати серија прашања.

„Или, повторно имаме проект кој убаво звучи на хартија, но за кој не може да покаже конкретен резултат? Герасимовски мора јавно да одговори: Дали воопшто е објавен повикот за ангажирање на пензионирани наставници, кој според програмата требало да биде објавен во март 2026 година? Доколку е објавен, колку наставници се пријавиле и кои од нив се избрани? Дали се склучени договори за ангажирање на овие пензионирани наставници и колкави се предвидените надоместоци? Колку од предвидените 700.000 денари се досега реализирани, колку остануваат неискористени и на која буџетска ставка се евидентирани? Доколку проектот не е започнат, зошто не е започнат и дали средствата се пренаменети за друга цел? Кој во Општината е одговорен за следење и спроведување на овој проект?“, праша Бојаџиева Марковска.

Таа потенцираше дека од локалната власт бараат целосна транспарентност и увид во сите постапки поврзани со оваа намена.

„Бараме Герасимовски да ги објави јавниот повик, евентуалните договори, одлуките за избор на професорите, финансиската реализација и извештајот за досега спроведените активности. Не е доволно во изборна програма само да се напише дека ќе се инвестира во образованието. Кога се издвојуваат 700.000 денари јавни пари, мора да има јасна трага каде се тие средства и каква корист добиле учениците“, нагласи таа.

Граѓаните, како што рече, не се должни да веруваат на промотивни фотографии и празни соопштенија, туку имаат право да видат конкретни документи, договори и финансиски извештаи.

„Затоа повторно прашуваме: каде се 700.000 денари пари на општината од проектот „Пензионерите за децата“ и што конкретно добија учениците од овој проект?“, заклучи Бојаџиева Марковска.