Косовската полиција соопшти дека, според досегашните информации, убиен е еден од напаѓачите кои се судрија со нејзините припадници во селото Бањска.

Полицијата на својот официјален профил на Фејсбук објави дека ситуацијата на северот на Косово, во селото Бањска, се уште е тензична и дека, како што се наведува, криминални групи одвреме-навреме со огнено оружје ги напаѓаат полициските единици на терен.

„Полициските единици, согласно ситуацијата и опасноста од спорадични напади на криминални групи, во одбрана на себе и на граѓаните од областа, беа принудени да реагираат на криминални групи, каде според досегашните информации, еден од напаѓачите се убиени“, се вели во соопштението.

Од полицијата на Косово се наведува дека значителен број професионални напаѓачи се маскирани и облечени во различни униформи, дека се вооружени со тешко оружје, пиштоли и имаат оклопно возило.

Приштинските медиуми, повикувајќи се на свои извори, јавуваат дека во нападот врз припадниците на косовската полиција загинале четворица напаѓачи, а не е исклучена можноста напаѓачите да биле членови на „Вагнер групата“, но агенцијата Бета не може да ја потврди оваа информација од институциите на Косово.

Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција прикажа снимка од луѓе вооружени со тешко оружје, кои со шест возила без регистарски таблички и едно оклопно возило, во маскирни униформи, влегле во манастирот Бањска каде се уште се присутни. Тој рече дека биле опколени од припадници на специјалните сили на косовската полиција и ги повикал да се предадат.

Непосредно пред соопштението на косовскиот премиер, Рашко-призренската епархија соопшти дека група вооружени, маскирани лица со оклопно возило влегле во манастирот Бањска, при што ја скршиле заклучената манастирска капија.

На обвинувањата на Приштина, одговори претседателот на Народното собрание Владимир Орлиќ кој изјави дека Курти „веднаш прв побрзал да ги обвини Србите“, а попладне се очекува да разговара и со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Извор: Netpress.com.mk.