По повеќе од седум децении поминати во брак, британската кралица Елизабета остана без својот сакан сопруг, принцот Филип, кој почина на 99 години.

Иако бил во тешка здравствена состојба, британските медиуми пишуваат дека кралицата и принцот уживале во времето што му преостанало.

Последните недели често спиел во поголемиот дел од денот, но имало и моменти на радосно заедништво, пренесува „Дејли мејл“.

Еден таков момент се случил кога ги испуштил очилата, а слугата скокнал напред да ги фати.

– Нема врска. Јас тоа ќе го направам – рекол војводата кревајќи ја раката. Така и направил, наведнувајќи се до подот.

Во една друга прилика кралицата дознала дека нејзиниот сопруг одбива да носи слушен апарат.

– Тоа значи дека ќе мораме да викаме – додала кралицата.

Некои биле фокусирани на прославата на 100. роденден на принцот во јуни, но тој не бил сентиментален човек.

За него било многу важно да умре дома, во својот кревет, датумот бил неважен. А, тоа да биде во дворецот Виндзор, каде што е родена неговата мајка принцезата Алис, правнука на кралицата Викторија, било од бескрајно големо значење.

Последните денови често бил затворен во својата соба, а во неделите по пуштањето од болница минатиот месец, бил помирен и потивок.

Храната му ја носеле во послужавник, но принцот Филип често имал малку апетит.

Му се промениле и некои рутини, па така го откажал утринскиот чај во 7:30 часот, кој собарот му го носел во собата, каде што, меѓу ретките лични работи кои секогаш ги држел на виделина, се наоѓале две фотографии во рамки – една од неговата сопруга и друга од неговата мајка.

Интересно е дека меѓу семејните фотографии од децата и внуците кои секогаш ги чувал на канцелариската маса во Виндзор, имало и една од принцот Чарлс и принцезата Дијана направена на денот на нивната венчавка.

Оние денови кога се чувствувал доволно силно да излезе од својата соба, се облекувал во кошула и џемпер, пантолони и исполирани чевли. Според зборовите на упатените, принцот Филип сѐ уште се облекувал сам, барем донеодамна.

Кога времето било топло, замолувал да му стават стол надвор, каде што седел на сонце, со ќебе на нозете. Често дремнувал таму.

Се движел отежнато, па често користел стап. Повремено дозволувал да го туркаат во инвалидска количка, но вработените биле претпазливи кога тоа го предложувал.

– Кога ќе ја видеше во собата, тој викаше „да му ја тргнеме таа проклета работа од видот“ – се присетува помошникот.

Според пишувањата на „Дејли мејл“, принцот Филип имал една амбиција – бил одлучен да не го заврши својот живот во болница.

– Кога се врати во Виндзор, рече дека повеќе нема да се врати во болница – додал помошникот.

Кога се чувствувал добро, разговарал со семејството и пријателите на телефон, за разлика од кралицата не го сакал Зум повикот.

Но, бил фрустриран од ограничувањата воведени поради ковид-19, кои не ги ограничувале само посетите на семејството, туку значеле и тешкотии во негата што му била потребна.

Не дошло до драматичен пад на неговото здравје, туку тоа било постепено. На почетокот на минатата недела, персоналот рекол дека принцот Филип е „во добра форма“. Сѐ уште читал и пишувал писма.

Принцот Филип бил човек кој се гордеел со својата кондиција и кој ретко се жалел. И покрај тоа, принцот имал болки.

Во петокот на 9 април, засекогаш го напушти овој свет.