Скопје од 5 до 11 јуни ќе биде домаќин на ИТФ фјучрс турнир од серијата М25, на кој ќе настапат квалитетни тенисери меѓу кои и нашите најдобри.

Калин ќе биде петти носител на турнирот според АТП рангирањето, па ќе ја предводи македонската група тенисери. Покрај него, сигурен пласман имаат уште седум тенисери, а тоа се: Обрад Марковски, Берк Бугариќ, Горазд Србљак, Амар Хусеиновиќ, Марко Стоилковски, Бесир Дургути и Шендрит Деари.

Освен овие осуммина, Македонија ќе има уште минимум тројца квалификанти, а преку претколо до место на турнирот можат уште шест тенисери.

Најдобро рангиран тенисер пред турнирот е Миљан Зекиќ од Србија кој е 266 на АТП ранг-листата. По него следат Антоан Хоанг (350), Саша Гујемард Вајенбург (396) и Ерги Киркин (438) пред Калин Ивановски.

Наградниот фонд за турнирот е 25.000 евра, а Ивановски со сигурност ќе сака подобар резултат од претходниот турнир во Скопје.