Актуелниот претседател на САД Џо Бајден вчера објави дека ја повлекува својата кандидатура на изборите закажани за во ноември и ја поддржа потпретседателката Камала Харис како кандидатка на Демократската партија, пренесува Радио Слободна Европа.
„Иако имав намера да барам повторен избор, верувам дека во најдобар интерес на мојата партија и земја да се откажам и да се фокусирам исклучиво на исполнување на своите должности како претседател до крајот на својот мандат“, соопшти Бајден на социјалната мрежа X (Твитер).
— Joe Biden (@JoeBiden) July 21, 2024
Бајден, кој се опоравува од коронавирус додаде дека ќе и се обрати на нацијата подоцна во текот на неделата и ќе даде повеќе детали за неговата одлука.
„Мојата прва одлука, како партиски кандидат во 2020 година, беше да ја изберам Камала Харис за мој потпретседател. И тоа беше најдобрата одлука што ја донесов. Денеска сакам да и понудам целосна поддршка на Камала да биде кандидатка на нашата партија оваа година “, додаде тој во друга објава на X.
Демократите бараа Бајден да се повлече по лошиот резултат на дебатата на 27 јуни против републиканскиот противкандидат Доналд Трамп. Бајден понекогаш изгледаше изнемоштен и збунет, што доведе до прашања за неговата физичка и ментална состојба.
Бајден го победи Трамп на изборите во 2020 година со тесна разлика во клучните сојузни држави Пенсилванија, Висконсин и Мичиген, но сега се соочи со повици од својата партија да се повлече. Тој до последен момент инсистираше на тоа дека е во најдобра позиција да го победи Трамп на претстојните избори.
Демократската партија сега ќе треба да избере нов кандидат кој ќе се соочи со републиканскиот кандидат Трамп во ноември во трка која веќе беше обележана со тензии, поделби и обид за атентат.
Демократската партија ќе ја одржи својата национална конвенција од 19 до 22 август во Чикаго, Илиноис.
Другите имиња кои вообичаено се спомнуваат како потенцијални кандидати за номинацијата на Демократите се гувернерите Гевин Њусом од Калифорнија, Гретчен Витмер од Мичиген и Џеј Роберт Прицкер од Илиноис.
Харис има предност пред потенцијалните конкуренти. Таа, исто така, има пристап до десетици милиони долари собрани од кампањата со Бајден.