Потпретседателката на Соединетите Американски Држави (САД), Камала Харис ја има поддршката на доволен број демократски делегати за да стане кандидат за претседател на земјата, по повлекувањето на Џо Бајден од трката за втор мандат во Белата куќа, објави Си-би-ес Њуз , американскиот партнер на Би-би-си.
Според анкета на агенцијата Асошиејтед прес од вчера вечер Харис ја добила поддршката од повеќе од 1 976 делегати на демократската партија потребни за да ја добие номинацијата во првиот круг на гласање.
Ваквата поддршка, како што пишува британскиот сервис е необрзувачка, но ако бројот на делегатите кои се изјасниле дека ќе застанат зад Харис се одржи до почетокот на следниот месец американската потпретседателка и формално ќе ја добие номинацијата за влез во претседателската трка против кандидатот на републиканците Доналд Трамп.
Според Си-би-ес делегатите од најмалку 27 сојузни држави дале изјави во кои целосно ја поддржуваат номинацијата на Харис.
Анкетата, како што се наведува е силен индикатор за големата поддршка на потпретседателката на САД, откако претседателот Бајден се откажа во претседателската трка во неделата.
По неговата објава на одлуката на социјалната мрежи, милиони долари во донации се влеаја како поддршка на кампањата на Харис, а поддршка за нејзината кандидатура стигна и од водечките претставници на демократската партија.
„Имаме 106 дена до денот на изборите и за тоа време не чека напорна работа“,изјави синоќа Харис во нејзиното обраќање до персоналот на кампањата.
Говорејќи пред нив, таа ги запозна со нејзината визија за земјата, посочувајќи дека тоа е она што ја одделува од кампањата од кандидатот на републиканците, Доналд Трамп.
„Нашата кампања отсекогаш била за две различни верзии на она што го гледаме како иднина на нашата земја. Едниот се фокусира на иднината, другиот се фокусира на минатото. Доналд Трамп сака да ја врати нашата земја наназад… Ние веруваме во посветла иднина која им прави простор на сите Американци“,рече Харис.
Таа, исто така, ги истакна достигнувањата на Бајден, велејќи дека нејзината служба како негов потпретседател е една најголемите почести во нејзиниот живот.
Харис вети дека ќе работи напорно за да ја добие номинацијата за претседател и да ги обедини и демократите и земјата како целина.