Независно и ефикасно судство ќе има – само доколку судската власт стане финансиски независна од извршната и законодавната власт. Ова го порача претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој побара судството конечно да добие сопствен и независен буџет.
Судовите во колапс – нема кадар, нема средства
Состојбата во судскиот систем, според челниците, е алармантна. Судовите работат со половина од потребниот број судии, а ситуацијата дополнително се влошува – од утре, околу 200 хонорарци ќе останат без договори, што ќе го наруши секојдневното функционирање на судовите.
„Судовите не се само згради. Потребни се кадри, логистика, опрема. Постојано сме во контакт со Министерството за финансии и бараме повеќе средства“, изјави Камбовски.
Иако со закон е предвидено судската власт да добива најмалку 0,8% од државниот буџет, последниве години реалните издвојувања биле најмногу 0,38% – далеку под законскиот минимум.
Џолев: Потребни се средства, но и стабилност во кадрите
Со ставот на Камбовски се согласи и претседателот на Кривичниот суд – Иван Џолев, кој истакна дека парите се предуслов за реформи, но предупреди дека не треба да се менуваат кадрите во судството со секоја политичка промена.
Камбовски пак потенцираше дека оставките не се реформи. Смета дека се потребни законски измени и скратување на мандатите, но без политички реваншизам.
Реформските закони – дел завршени, дел во подготовка
Министерот за правда, Игор Филков, информираше дека дел од реформските закони се веќе во финална фаза, меѓу кои и законите за:
Судскиот совет
Јавното обвинителство
Кривичниот законик
Платите на обвинителите
Судската служба
Сѐ уште не е дефинирано дали финансирањето на судството ќе се изземе од Владата, бидејќи предлог-законот за судски буџет е во подготвителна фаза.
Извор: Алфа