Притвореникот Орце Камчев добива третман како секое друго притворено лице во Македонија, тврдат од Управата за извршување на санкции во реакцијата по информациите за негов наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето.
-Управата за извршување на санкции најкатегорично ги демантира информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на притвореникот Орце Камчев. Притвореното лице е сместено само, а досега врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повика и Брзата помош, се вели во реакцијата.
Дополнително, додаваат од Управата, на 21 март притвореникот Камчев бил однесен и на специјалистички кардиолошки преглед каде е констатирано дека тој нема медицински проблеми кои би значеле негово лекување, по што е вратен на издржување на мерката притвор.
На Камчев на 14 март му беше определен е 30-дневен притвор поради индиција на Агенцијата за национална безбедност дека ќе се дал во бегство. Камчев беше приведен утрината во Полициската станица Карпош. По приведувањето беше упатен во Кривичниот суд во Скопје, на распит пред судија по претходна постапка.
Според објавите на дел од медиумите, Камчев се подготувал за бегство, а информацијата за ваквиот обид до Обвинителството ја доставила Агенцијата за национална безбедност.
Орце Камчев е еден од осомничените во случајот „Империја“, но и во случајот „Плацеви на Водно“ за кој обвинителката Вилма Рускоска информираше дека истрагата е при крај. Во „Плацеви за Водно“ првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски, за кого истрагата покажала дека со пари на партијата си купил плацеви во вредност од 1,3 милиони евра.