Судот издал решение за бизнисменот Орце Камчев да биде спроведен на кардиолошки испитувања, но тој одбил тие да ги прави на Клиника за кардиохирургија при Клиничкиот комплекс Мајка Тереза дознава А1он. Кривичниот суд, решението го издал откако на последното рочиште за Плацеви на Водно тој се жалел на третманот и здраствената состојба. За одлуката на судиите од Кривичен биле известени и во затворот во Шутка. Директорот Филип Андонов за А1он потврди дека решението не било спроведено.
-Притворениот одби да биде спроведен на Клиниката за кардиохирургија рече кратко Андонов.
Според извори на „А1он“, Камчев барал кардиолошки испитувања да му бидат направи во приватна клиника. Токму тоа, било и причина што одбил да биде однесен во државната клиника.
Бизнисменот пред шест дена доби ново решение за продолжување на притворот за нови 30 дена. Тој досега, неколку пати нудеше гаранции во имот и пари за да излезе од затворот, кои беа одбиени од судот. Камчев е во притвор поради опасност од бегство и можност за влијание на сведоци веќе седми месец. Тој е обвинет во случајот „Плацеви на Водно“ кој веќе се суди.
За влошена здравствена состојба, адвокатите на бизнисменот се жалат постојано откако е тој во затворот. Во неколку наврати обвинуваа дека здравствената состојба на Камчев не се третира соодветно, но и дека врз него се врши тортура. Овие наводи ги демантираа од Управата на затворот „Скопје“ во Шутка. Нему, досега му беа правени неколку прегледи, но, освен хроничната терапија, според информациите кои ги даваа институциите, тој немал други здравствени нарушувања.