– Притворен сум незаконски, чекам скоро 4 часа да сведочам, барам да бидам изземен како сведок. Во прашање е доведена мојата кредибилност како сведок, од причините што ги наведов, рече Камчев.
Но, судијката Софче Гаврилова од Основниот кривичен суд Скопје Скопје не го дозволи неговото барање, му кажа дека тој е повикан како сведок на Обвинителството за организиран криминал и корупција и ќе сведочи.
Кога обвинителката Ивана Трајчева му постави прашање кога дознал за „Меѓународен сојуз“, тој кажа дека во обвинението фалат Зоран Милевски-Кичевскиот, Катица Јанева и нејзиниот син. Тој тврди дека преку нив му биле понудени да финансира два проекта, еден за мол за светски брендови, другиот за старечки домови за лица носени од странство во Македонија. Првиот го одбил. За вториот Камчев кажа дека испитувал за што се работи, бидејќи имал приватна локација за која можело да се размислува за старечки домови, но вели дека наишол на повеќе небулози, меѓу кои и неисплатливост на проектот, односно поради економски причини.
– Понудата беше од синот на Јанева, а не од Бојан Јовановски. Не го потпишав ни вториот проект, рече Камчев.
Тврдеше дека кога го одбил и вториот проект, тогаш се активирал случајот против него „Империја”.
– Појаснете ни од кого би беше пренесено дека интерес за вториот проект имал синот на Катица Јанева?, потпраша Трајчева.
На ова реплицираше Камчев.
– Немаше што некој да ми кажува, на проектот беше потпишан Лазар Јанев, одговори Камчев.
На судењето за измама со „Меѓународен сојуз“ на обвинетиот за измама и перење пари Бојан Јовановски-Боки 13, на Јасна Мандиќ, Миле Јовановски, татко на Боки, Кристина Блажевска и Фросина Ременски, претходно сведочеше експретседателката на собранието на „Меѓународен сојуз“ Агапи Дика.
Јовановски е обвинет дека лажејќи оти „Меѓународен сојуз“ е организација на Европската унија, им земал речиси милион евра за бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски. Со помош на уште тројца обвинети, тие пари ги испрал.
Старечките домови никогаш не се изградиле, пренесува СДК.мк.