Кривичниот суд вчера му одреди 30 дена притвор на бизнисменот Орце Камчев. Но и по еден ден откако полицијата го уапси – ниедна инститиција не дава детали, како, каде и од што бегал Камчев. Лишен е од слобода со белешка од Агенцијата за национална безбедност со сомнеж дека подготвува бегство. Адвокатот Тони Менкиновски кој го застапува бизнисменот веќе поднел жалба до Кривичен за притворот. И во недостаток на официјални информации од институциите, улогата на информатори за притворањето на Орце Камчев ја преземаа партиите.
– На виделина е спрегата на Христијан Мицкоски со тајкунот на режимот, Орце Камчев. Обвинето лице во судски предмети а од вчера и во притвор. Ова е Тони Менкиновски, претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, човек близок на Христијан Мицкоски. Токму човекот на Мицкоски, кој често сме го гледале од партиската говорница на ДПМНЕ во белиот дворец, му е адвокат и го брани Орце Камчев, рече Богданка Кузевска, СДСМ.
Реплицираше ВМРО – ДПМНЕ.
– Тони Менкиновски е адвокат со повеќедецениско искуство. Освен тоа што во моментот е адвокат на бизнисменот Јордан Камчев, тој бил и адвокат на Зоран Заев во случајот поткуп, со снимката каде што целата јавност виде дека Зоран Заев бара мито од 200 илјади евра, евро за црквата- евро за Вицето, истата таа снимка која судот на Заев ја забрани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Орце Камчев доби притовор зашто е осомничен во истрагата „Плацеви на Водно“. Освен него на списокот осомничени се и екс премиерот Никола Груевски и неговиот кум Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Сашо Мијалков и мајкаму на Орце, Ратка Камчева.