Камерите од системот „Безбеден град“ почнаа да се активираат и во охридскиот регион, но засега нема да изрекуваат казни. Од СВР Охрид информираат дека денеска во функција се ставени безбедносни камери на автопатската делница кај Ново Село, во општина Дебрца, каде што се вршат финална техничка проверка и тестирање на системот.

Според полицијата, современиот систем за сообраќаен надзор „Безбеден град“ (Safe City), кој на национално ниво официјално почна со работа на 1 февруари годинава, постепено се воведува и на подрачјето што го покрива СВР Охрид. По денешното финално тестирање, стручни екипи ги активирале камерите на автопатскиот потег кај Ново Село.

Во следниот период се очекува системот да профункционира и на делницата меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на Коридорите 8 и 10.

Од СВР Охрид нагласуваат дека уредите во моментов не вршат санкционирање на возачите, бидејќи се во завршна фаза на техничка проверка. Според најавите, системот треба да овозможи постојан и засилен надзор на сообраќајот, детектирање прекршоци, подобрување на сообраќајната дисциплина и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

Полицијата апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено ограничувањето на брзината на делницата кај Ново Село, каде што максимално дозволената брзина изнесува 100 километри на час.