Од 26 до 28 ноември, Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде домаќин на 13. издание на ПИН – меѓународната музичка конференција и шоукејс фестивал, на кој ќе земат учество повеќе од 300 музички професионалци, 58 изведувачи и гости од вкупно 40 земји.
Годинава настанот се одржува под мотото „Living in a Bubble“ и ќе понуди три дена исполнети со музички настапи, стручни дискусии, професионални средби и размена на искуства. За првпат на фестивалот пристигнуваат артисти од Кина и Австралија, со што програмата ги поврзува сцените од Европа, Азија, Јужна Америка и Балканот.
Една од централните теми на конференцискиот дел ќе биде Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година. Во четврток, со почеток од 14 часот, во киното „Фросина“ ќе се одржи трибина посветена на подготовките за оваа титула, каде што ќе се дебатира за организацијата, финансирањето, програмските активности, транспарентноста и инволвирањето на локалните културни здруженија и независната сцена.
Во рамките на истата програма е најавена и размена на искуства со претставници од европски градови кои веќе ја поминале оваа постапка или се подготвуваат за 2028 година, меѓу кои Нови Сад, Горица, Бурж и Лиепаја.
На конференцијата ќе се одржи и панелот „PULSE“, насочен кон состојбите во клубовите, концертните простори и ноќниот живот по трагедијата во Кочани. Професионалци од Чешка, Германија и Хрватска ќе ги презентираат стандардите за функционирање на клубската сцена во своите средини, со цел да се отвори дијалог за реформите, безбедноста и лиценцирањето.
На фестивалот ќе присуствуваат раководители на светски фестивали, клупски простори, промоторски куќи и музички организации, меѓу кои и директорот на платформата WOMEX, како и претставници на Reeperbahn Festival, Tromsø World, Berlin Music Commission, Boom Festival, Athens Music Week, Europavox, MENT, SHIP и SoAlive.
Музичкиот дел ќе се реализира на пет сцени во рамки на МКЦ со вкупно 58 изведувачи. Меѓу странските имиња се австралискиот состав TONIX, кинеските KyoYoko, данско-кинеското дуо Green Tea Bitches, како и Niem Nitai, Mista Trick, HRTL, Tankus, Diskopunk, Ljubičice, Elizabete Balčus, Mehmet Polat Quartet и составот Aurore Voilqué Balkan Ladies ConneXion.
Домашната музичка сцена ќе биде претставена преку ИСКРА, Chlen 16, Mallard, Маратонци, Персеида, Taxi Consilium и Деца Корнат Градина, заедно со интернационалните соработки на Јордан Костов, Мартин Грозданоски, Тони Китановски, Гоце САФ и Миа Ѓаконовски.
Конференцискиот дел опфаќа повеќе од 30 работилници и панел-сесии со фокус на музичкиот бизнис, градењето кариера и новите индустриски текови. Настанот нуди шанса за поврзување на македонските музичари со странските пазари, а целокупната програма за сите денови е достапна без наплата за влез.
