Лидерот на движењето Беса и дел од коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами, денеска во Тетово изјави дека Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците (АА) и министер за здравство, нема да остане во Владата поради неговата соработка со ДУИ. Членовите на АА кои не ја поддржуваат оваа соработка можат да останат во извршната власт, но Таравари е пред излегување од коалицијата.
Касами, одговарајќи на новинарско прашање за договорот со премиерот Христијан Мицкоски, рече:
„Одлучивме дека во следниот период ќе работиме заедно во правец на тоа Арбен Таравари како главен носител на идејата за соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) да не биде дел од Владата. Договор има дека кој било што соработува со Али Ахмети, во ваква ситуација не може да биде дел од Владата.“
Тој додаде дека динамиката и начинот на спроведување на оваа одлука ќе бидат објавени кога ќе има конкретно решение. „Сепак, тоа не е едноставна работа.
Ако се договориме дека ќе има реформирање на Владата, треба да се види кој ќе излезе и кој ќе влезе во неа, оти гледаме дека и во ваква ситуација има некои чинители во кои се дел од партијата на Таравари, а не се согласуваат с него“, објасни Касами.
Касами потенцираше дека треба да се направи јасна разлика меѓу Таравари и Алијанса за Албанците. Според него, АА е важен дел од ВЛЕН, и тие сакаат да ја задржат соработката со партијата.
„Ние сме отворени да продолжиме да соработуваме с секој што е дел од Алијанса за Албанците и сака да продолжи да биде дел од Владата. Во моментот цениме дека главен проблем е директната соработка на Таравари с Ахмети. И тоа е веќе решено, тој не може да биде дел од Владата. Но, секој членови на АА што не се согласува за оваа соработка на Таравари до Ахмети е добродојден да продолжи да биде дел од Владата“, рече тој.
Тој нагласи дека мора да се утврди кој во АА ја поддржува, а кој се противи на соработка со ДУИ, пред да се направат промени во функционерските позиции во Владата.
Тензиите во ВЛЕН почнаа кога крилото на Таравари во АА одлучи да настапи со сопствени советнички листи на локалните избори во октомври. Ова предизвика несогласување со партнерите во ВЛЕН, по што Таравари ја напушти коалицијата. Шпекулациите за негови преговори со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја заострија ситуацијата,
Мицкоски неодамна одржа средби со Таравари и со раководството на ВЛЕН. Владини извори соопштија дека разговорите биле конструктивни и во партнерски дух. Касами вчера повтори дека партиите што соработуваат со ДУИ немаат место во Владата.
Извор: 360 степени