Хаосот во јавниот превоз

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, остро ја критикуваше состојбата во Скопје, под водство на градоначалничката Данела Арсовска, за лошото работење на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Во интервју за МТВ, Ѓорѓиевски истакна дека проблемите со јавниот превоз најмногу ги погодуваат учениците, кои секојдневно зависат од редовен транспорт за да стигнат до училиштата.

Ние како општини ги обезбедуваме средствата за превоз на учениците, но превозот не е редовен, а на некои места, како што е Усје, дури и целосно отсуствува,“ изјави Ѓорѓиевски. Тој додаде дека жителите на Усје неодамна организираа протест поради лошата состојба со јавниот превоз.

Проблеми со хигиената и „Паркови и зеленило“

Покрај проблемите со ЈСП, Ѓорѓиевски ја потенцираше и лошата состојба со хигиената во градот, како и неефикасното работење на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Според него, овие претпријатија се целосно дисфункционални, што дополнително го влошува секојдневниот живот на граѓаните. Тој додаде дека ситуацијата со одржувањето на јавните простори е загрижувачка, бидејќи тие не се чистат и одржуваат како што треба.

Покрај лошата состојба со хигиената и работењето на ЈП Паркови и зеленило, сега гледаме како градоначалничката Арсовска преку ЈСП продолжува да ги малтретира жителите на Скопје, вклучувајќи ги и најмладите ученици, затоа што не обезбедува адекватен транспорт за да можат навреме да стигнат до училиштата.

Апел од градоначалниците за итно решавање на проблемите

На неодамнешна заедничка прес-конференција, сите градоначалници од скопските општини ја изразија својата загриженост за состојбата со ЈСП и јавно упатија апел до градоначалничката Данела Арсовска да преземе итни мерки за решавање на проблемите. Тие потенцираа дека ова не е само прашање на транспорт, туку дека директно влијае врз квалитетот на животот на граѓаните, особено на учениците кои не можат редовно да стигнат до училиштата.

Градот е во хаос, а тоа го чувствуваат сите, од ученици до повозрасни граѓани,“ изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека проблемите не се ограничени само на ЈСП, туку се присутни и во други градски претпријатија, како Паркови и зеленило.

ЗЕЛС подготвува законски измени за одземање ингеренции

За да се надминат овие системски проблеми, Ѓорѓиевски откри дека ЗЕЛС, во координација со Владата и ресорното министерство, подготвува законски измени кои би овозможиле одземање на ингеренциите на градоначалници кои не ја вршат својата функција. Овие законски измени би овозможиле централната власт да преземе одредени надлежности кога не се испорачуваат основните услуги на граѓаните.

Мора да постои механизам за прдвремено отповикување на градоначалници кои не ја оправдуваат довербата на граѓаните. Преку законски промени, ќе обезбедиме алатки за итна интервенција во такви случаи,“ истакна Ѓорѓиевски.