– Тој бил роден на денешен ден во 1943 година. По завршување на средното образование, завршил факултет за драмски уметности во Белград во 1967 година. Покрај тоа што беше музичар, имаше одиграно и неколку главни улоги во македонски и југословенски играни филмови. Од песните што ги испеа, најпознати се ,,Како Вардар“, ,,Љуби ме и главата горе“, ,,Од љубов не се бега“ и многу други. Во 2007 година, Зафир беше промовиран во почесен амбасадор за култура на Р. Македонија во Србија, потсетува историчарот Петре Камчевски.

Како пејач учествувал на повеќе од триесетина фестивали ширум поранешна Југославија, на кои имал освоено бројни награди и признанија.

– Како резултат на неговата донација во 2013 година, во Музеј – галерија Кавадарци е отворена спомен соба на неговиот татко Васил Хаџиманов, познат македонски етномузиколог. Зафир беше оженет со Сенка Велетанлиќ Хаџиманов. Нивниот син, Васил, е еден од најпознатите џез музичари на овие простори, вели Камчевски.

Зафир почина на 27 март оваа година.