Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави засилена контрола врз користењето мобилни телефони за време на наставата, нагласувајќи дека во најголем дел од училиштата веќе се преземаат мерки со кои телефоните им се одземаат на учениците и им се враќаат за време на одморите.

Таа посочи дека мобилните телефони ќе можат да се користат само доколку наставникот процени дека се неопходни за наставниот процес.

Телефоните само со дозвола од наставник

Јаневска истакна дека дел од училиштата немаат целосна интернет-покриеност, паметни табли и таблети, поради што во одредени ситуации наставниците ќе можат да дозволат користење телефони за образовни цели.

„Сметам дека овој начин за справување со мобилните телефони во училиштата е добар. Проблем е што учениците ги добиваат телефоните од родителите, надвор од училиштата, и тогаш тие неконтролирано се користат“, изјави министерката.

Можно проширување на мерката и во средните училишта

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски изјави дека додека бил градоначалник на Кисела Вода, електронските уреди не биле дозволени за време на наставата и дека општината била меѓу првите што вовеле ваква практика.

Тој најави разговори со директорите на средните училишта во Скопје за можноста мерката да се применува и таму, со исклучоци само кога користењето телефони е поврзано со наставата и е дозволено од наставник.

Најавени и нови мерки за училиштата

Јаневска повторно најави лиценцирање на училишните психолози со цел навремено да се детектираат проблеми кај учениците и во училиштата.

Во однос на случаите на педофилија кај наставници, таа изјави дека станува збор за еден од најтешките проблеми во образованието и дека по познатите случаи веќе постапувале Државниот просветен инспекторат, полицијата и јавните обвинителства.

Министерката се осврна и на воведувањето дежурства на наставници во училишните ходници и дворови, нагласувајќи дека агресијата кај децата е комплексен проблем за кој е потребна вклученост на родителите, социјалните служби и целото општество.