Европските автомобилски производители немаат реални шанси да ја победат Кина во директен пазарен дуел кај електричните возила, предупреди основачот на автомобилската групација, Мате Римац. Според неговата анализа, фабриките од Европа мора да се насочат исклучиво кон специфични пазарни ниши, додека вистинската технолошка револуција ќе ја предводат автономните возила без возач.

„Европа мора да ја пронајде својата ниша. Во директна конкуренција со Кина, не можеме да победиме. Точка“, изјави Римац во интервју за германските медиуми.

Тој смета дека кинеските авто-гиганти веќе имаат недостижна предност во производството на електрични погони и нивните автомобили во иднина ќе стануваат сè поквалитетни и значително поевтини. Наместо залудни обиди за пласирање евтини масовни возила, европските брендови мора да ги искористат своите предности во високата класа и специјализираните сегменти, споредувајќи го обидот за натпревар со обид луксузниот бренд „Ролекс“ директно да се бори со технологијата на „Епл“.

Хрватскиот претприемач посочува дека автомобилскиот сектор премногу се фокусира на батериите, запоставувајќи го автономното движење кое наскоро целосно ќе ги смени навиките за патување.

„Ако електрификацијата толку многу ја промени индустријата, тогаш е тешко да се замисли какви промени нè очекуваат со роботаксијата и автономното возење“, нагласи претприемачот.

Неговата компанија „Верн“, која брои околу 150 стручњаци, веќе развива напреден проект за комерцијално роботакси во партнерство со платформата „Убер“, чија главна цел е самостојно да превезува патници без потреба од возач.

„Со Верн можеме да ги промениме животите на многу луѓе, враќајќи им го времето“, порача Римац.

Иако стекна светска репутација со развој на електричниот хиперавтомобил „Невера“, кој располага со четири независни мотори, претприемачот откри дека за новиот суперспортски модел „Бугати турбијон“ свесно избрал моќен бензински мотор V16 во спој со плаг-ин хибриден склоп. Иако сопственикот „Фолксваген“ првично барал чисто електрично решение, моделот веднаш бил распродаден, потврдувајќи дека најбогатите купувачи не сакаат унифицирани производи.

„Тоа беше апсолутно правилна одлука. Од комерцијална гледна точка, знам дека чисто електричен автомобил денес би бил погрешна одлука“, објасни тој.

Осврнувајќи се на сопствените почетоци во Хрватска, земја без традиционална автоиндустрија, претприемачот се присети на тешкиот пат при градењето на групацијата која денес ги содржи „Бугати Римац“, „Римац технолоџи“, „Римац енерџи“ и „Верн“. Одделот за технологија развива батериски и погонски решенија за „Порше“ кај моделот 911 GTS T-Hybrid, како и за моделот i7 на германскиот гигант „БМВ“, со кого има договори вредни пет милијарди евра, потпишани по храбрата одлука да почне изградба на погоните уште пред парафирање на соработката на новиот кампус вреден над 430 милиони евра.