Стареењето на населението, зголемувањето на трошоците за живот и новите деловни модели, како што е трговијата преку Интернет, принудуваат некои печалбари да се вратат во своите родни места, пренесува „CNBC“.

По пандемијата Ковид-19, милиони Кинези не се вратија на претходните работни места во големите урбани центри, покажуваат статистичките податоци. Бројот на работници од покраината кои работат во метрополите е сè уште скоро за 2,5 милиони помал во споредба со истиот период во 2019-та година.

Според аналитичарите, овој тренд може да продолжи и во наредните години, бидејќи многу луѓе не можат да си дозволат да плаќаат високи кирии и да ги исплатат станбените кредити во големите градови.

Покрај тоа, многу од овие внатрешни мигранти се веќе стари. Уделот на над 50-годишна возраст е двојно зголемен во последните 12 години и сега достигнува 26%.

Јавната политика придонесува и за ограничување на приливот на луѓе кон големите градови. Строгиот систем за добивање документи за домување значи дека многу рурални работници кои живеат во големите градови немаат пристап до здравствена заштита и образование, како и можности за купување куќа.

Во исто време, помалите градови и провинции инвестираат во инфраструктурата за да привлечат таленти и да го стимулираат економскиот раст.

Сè повеќе луѓе бараат реализација во дигиталната економија. По пандемијата, многу компании им обезбедија на своите вработени можност да работат од далечина, така што нивното постојано присуство во канцелариите во поголемите градови веќе не е потребно.

Дигиталните услуги веќе сочинуваат повеќе од 33% од бруто домашниот производ на земјата, а бројот на корисници на Интернет во руралните области се зголеми за 50 милиони во последната година.

Сепак, некои економисти велат дека враќањето на мигрантите во нивните родни места може да ја зголеми нееднаквоста во Кина. Во малите градови, трошоците за живот се пониски, но исто така и платите и вкупниот животен стандард.