Македонскиот активист од Бугарија, Атанас Кирјаков, упати повик до Македонците во Пиринска Македонија да бидат горди на својата македонска националност и да се изјаснат како Македонци на пописот што е во тек кај источниот сосед.

– Македонци и Македонки од Пиринска Македонија, бидете горди на својата македонска националност и на својата македонска историја и македонска култура! Тие исто така беа како вас по националност, вели Кирјаков во објавата на Фејсбук поткрепена со фотографии на Димитар Благоев, Никола Вапцаров, Баба Ванѓа и Јане Сандански.

„Не плашете се! Попишете се и вие по националност какви што сте – Македонец/Македонка“, додава еден од основачите на Обединетата македонска организација „Илинден“ и кандидат за градоначалник на Благоевград на минатогодишните локални избори во Бугарија.

Со оглед на тоа дека во пописните формулари има графи само за Бугари, Турци и Роми, Кирјаков им сугерира на сонародниците во Бугарија да се изјаснат како Македонци во графата „други“.