Нерегулиран сектор, владино-партиска поддршка на одредени компании и секојдневни хаотични линии. Автобуси без лиценци, возачи без лиценци, комбиња кои возат линии за кои немаат пропишани дозволи, непријавени термини и возење кога им е исплатливо без никаков распоред.

Накратко, вака во две реченици може да се објасни моменталната ситуација во превозниот сектор во Република Македонија.

Лиценцираните и законски исправни превозници мака мачат со превозниците кои го заобиколуваат законот, благодарение на заштитата од власта и моќниците и како што велат, заработките на оние што возат “на диво”, се неколку пати повисоки.

Дел од превозниците кои трпат штета од ваквите заштитени од власт компании, велат дека се соочуваат со иритантни ситуации, каде што дивите превозници со своите комбиња застануваат на места кои не се обележани постојки или пак одат десетина минути пред регуларните линии на регуларните превозници и ги собираат патниците, што практично и ги манипулираат самите патници.

Самите истакнуваат дека центрите на ваквите превозници кои и Државниот инспекторат за транспорт ги штити, се наоѓаат во Куманово, Велес, Струмица, Прилеп, Битола. Токму некои од овие компании кои не го почитуваат редот се блиски до власта. Непостапувањето на Државниот инспекторат за транспорт само го става во редот на соучесниците.

Како резултат на неспроведување на законите и непостапувањето на инспекторите се случија трагични настани каде што загинаа голем број на луѓе, несреќата во Бугарија каде се запали автобус на “Беса транс”, како и несреќата кај Ласкарци, каде што излета од патот автобус на “Дурмо турс”, при што и двете компании се поврзуваат со партиите на власт.