– Партија на пензионери ги информира пензионираните припадници на МВР, кои не беа опфатени со последните усогласувања на пензиите, дека денеска во Собранието на РСМ, надлежната комисија го прифати предлогот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи поднесен од пратениците Илија Николовски и Славјанка Петровска. Со тоа „се откочи“ процесот и се очекува измените на законот да се донесат на седница на Собранието во текот на месец мај, велат од оваа партија.
Оттаму додаваат дека на овој начин конечно се создале услови со усогласувањето на пензиите да бидат опфатени и корисниците на пензии кои од МВР оствариле право на старосна пензија со стаж од најмалку 35 години жени и 37 години мажи.
– Со ова Партијата на пензионери ја исполни својата програмска цел да се исправи неправдата кон корисниците на пензии од МВР, кои по многу понеповолни услови ги остварија своите пензии, иако го понесоа најголемиот товар во создавањето и градењето на самостојна македонска држава, се нагласува во соопштението.
Во иднина, како што нагласуваат од партијата, приоритет за нив ќе биде да се изборат во Собранието да се усвои и иницијативата за измени на Законот за служба во Армијата со додавање на член 218-в и така државата правично да им се оддолжи и на засегнатите маргинализирани пензионирани припадници на Армијата.