КСС протестираа со марш под мотото „Ќебапи за работникот, бифтек за власта“. Скара пред влада. Вака изгледаше „пикникот“ за 1-Мај што го организираше Конфедерацијата на слободните синдикати.
Како што пренесува ТВ21, работниците го избраа овој слоган, бидејќи според претседателот на Конфедерацијата, со економските услови што ги имаат, на работниците им останува да си купат само ќебапи, а функционерите со нивните покачени плати, за 1 Мај ќе јадат бифтек.
Од Владата побараа почитување на работничките права и колективните договори. Бараат да се слушне гласот на работникот, соодветна плата за достоинствен живот и социјален мир.
Дека работничките права не се почитуваат ниту во полицијата, потврди и претседателот на Синдикатот на Полицијата, Орце Коцески. Според него, ако порано младите се бореле да влезат во полиција, денес МВР ги моли младите да аплицираат.
На протестниот марш учествуваа работници и претставници на разни синдикати а имаше и организиран превоз од другите градови.