Институциите и службениците кои одбиваат да прифатат валидни електронски документи ќе добиваат опомени, а доколку продолжат со непочитување на законските обврски, ќе се соочат и со прекршочни санкции, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер.
Андоновски посочи дека Министерството веќе има подготвено прирачник за признавање на електронските документи, кој им се доставува на институциите и вработените со цел да се запознаат со законските обврски и процедурите за нивно прифаќање.
Тој нагласи дека со формирањето на Инспекторатот во рамките на Министерството за дигитална трансформација ќе се вршат и контроли, но пред изрекувањето казни институциите ќе добијат дополнителна опомена и можност да ги исправат неправилностите.
„Обврска на вработените е да ги следат промените. Ние имаме еден прирачник кој го испраќаме до сите за признавање на електронските документи. Сега го испраќаме и во вид на опомена пред изрекување прекршочна санкција. Имаме инспекторат во рамките на Министерството, но пред да почнеме да казнуваме, праќаме ургенција во која велиме дека тоа е спротивно на закон, ја посочуваме прекршочната глоба за одговорното лице и за службеникот и повторно им го доставуваме прирачникот за да ја прочитаат процедурата за признавање на електронските документи“, објасни Андоновски.
Како пример за проблемите со кои се соочувале граѓаните, министерот го посочи случајот од минатогодишните избори, кога независните листи собирале потписи, а институциите не им ги признавале електронските потврди за неосудуваност издадени од судот.
„Судот ја издава потврдата, а потоа судот не ја признава. Со мој личен апел на телевизија, веднаш потоа судот се извини и соопшти дека отсега ќе ги признава сите електронски документи кои се валидни согласно закон“, рече Андоновски.
Тој потенцираше дека прифаќањето на електронските документи е процес кој не може да се заврши преку ноќ, особено ако се има предвид дека до 2024 година порталот имал околу 100.000 корисници и биле издадени 60.000 документи.
„Нормално е луѓето да не знаат. Ова е процес, не е дека ќе се случи во еден ден, но борбата да се случи е на сите нас“, истакна министерот.
Андоновски се осврна и на начинот на кој ќе се споделуваат електронските документи и личните податоци, објаснувајќи дека тие ќе содржат QR-код преку кој граѓаните ќе можат да одлучат кои информации ќе ги споделат со одредена институција или компанија.
Како пример ја посочи банката, каде што службеникот ќе го скенира QR-кодот, по што на граѓанинот ќе му биде поставено прашање дали сака да ги сподели бараните информации. Корисникот сам ќе избира кои податоци ќе ги отстапи.
Со ова, според Андоновски, граѓаните ќе имаат поголема контрола врз своите лични податоци, а институциите ќе мора да ги почитуваат законските правила за прифаќање и користење на електронските документи.
