Епидемија во Гостивар засега нема да биде прогласена, бидејќи сè уште не е утврдено што е причината за големиот број граѓани со стомачни тегоби, изјави министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во Гостивар. Тој нагласи дека се потребни дополнителни епидемиолошки анкети и анализи за да се утврди изворот на заболувањата.
Министерот информираше дека бројот на пациенти кои секојдневно се јавуваат со слични симптоми останува речиси непроменет во однос на изминатите денови.
„Првите пациенти се јавиле на ноќта на 13-ти јули и оттогаш таа бројка е прилично константна. Над 200 граѓани се јавуваат дневно во болницата за интервенција. Во последните 24 часа има 100 побарани интервенции на педијатрија и 160 побарани интервенции на инфективното одделение“, рече Клековски.
Тој посочи дека клиничката слика кај пациентите е слична – од полесни стомачни тегоби со дијареја и повраќање, до случаи проследени со покачена температура. Најголемиот дел од пациентите добиваат терапија за дехидратација, инфузии, витамини и симптоматски третман, по што се пуштаат на домашно лекување.
Се прошируваат анализите за утврдување на причината
По разговорите со раководството на болницата, министерот оцени дека медицинскиот персонал успешно се справува со состојбата и дека установата располага со сите неопходни лекови за лекување на пациентите.
Тој ги повика граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби при спроведувањето на анкетите и дополнителните испитувања.
„Од вчера се зема колпокултура и се прават сите неопходни лабораториски анализи и е проширена можноста да се бараат траги од адено и рота вирус. Значи, повеќе институции вклучени во епидемиолошкиот дел и повеќе типови на истраги, за да се исклучат сите опции: од тешки метали, од паразити, вируси, бактерии. Ни требаат многу повеќе епидемиолошки анкети за да најдеме кој е причинителот и да ги поврземе можните извори“, истакна Клековски.
Министерот смета дека храната тешко може да биде изворот
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на директорката на ЈП „Комуналец“, која посочи дека причината за заболувањата не е водата, туку храната, Клековски рече дека конечниот одговор треба да го дадат епидемиолозите.
„Ниту јас, ниту директорката на јавното претпријатие сме некои што можеме да посочиме причинител. Има епидемиолози, тоа е работа на епидемиолозите. Има Центар за јавно здравје, има Институт за јавно здравје, мислам дека треба да се очекува нивна оценка. Можам неформално да коментирам дека шансата 1000 луѓе да се затрујат од храна се многу мали. Дополнително, ова трае веќе 4 дена, така да, за мене храната логички е исклучена како можен извор“, изјави министерот.
Тој додаде дека очекува повеќе резултати од анализите на водата од гостиварскиот водовод да бидат познати од понеделник.
