Текстот е насловен „За достоинството и гордоста“ и во него академик Коцарев наведува дека Македонија денес се соочува со два проблема. Првиот го именува како „идентитетски проблем“, а вториот како „проблем на демократијата“.
Иако за првиот проблем академик Коцарев веќе пишуваше, во новиот текст тој забележува дека „некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година, некои жители на Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија зборуваат бугарски јазик-тоа е нивно право-но поддржете ги моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето“.
-Денешниов текст ќе го започнам со зборовите на Хана Арент (Hannah Arendt), една од највлијателните мислители на 20 век, пријателка и соработничка на Хајдегер и Јасперс. Таа докторирала под менторство на Јасперс со тезата „За концептот на љубовта во мислата на Свети Августин: Обид за филозофско толкување“. Според Арент, „дури и во најмрачните времиња имаме право да очекуваме некакво осветлување“. Меѓутоа, тоа осветлување не произлегува од напишаните теории и концепти, туку „од несигурната, треперечка и често слаба светлина што некои мажи и жени, во нивните животи и нивните работи, ќе ја разгорат под сите околности и ќе ја рашират во текот на времето што им беше дадено.“ Кои наши сограѓани го прават тоа веќе неколку години? Дали конечно ќе излеземе од овие мрачни времиња? Кога ќе ги изговориме Рациновите „силно светнал денот!“?
Однапред им се извинувам на другите што нема да ги спомнам сега (тие се, можеби, ако не и повеќе, исто толку важни како и споменатите), но тука, накратко, ќе проговорам за четири гиганти, на чиишто раменици, да го парафразирам Исак Њутн, застанаа многумина, вклучувајќи ме и мене, а се надевам, наскоро, ќе застанат сите. Тоа се (по азбучен ред) професорките Ванковска, Каракамишева, Котеска и Ќулавкова. Нивните иницијативи, трудови, текстови, есеи, колумни, постови по социјалните мрежи ечат, одекнуваат (и ќе продолжат да одекнуваат и понатаму во вечност) со силината на аргументите и достоинството.
Македонија се соочува, во основа, со два проблема. Првиот ќе го именувам како „идентитетски проблем“. Иако за тоа пишував во „Нова Македонија“, не е на одмет повторно да проговорам. Некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година, некои жители на Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија зборуваат бугарски јазик, а потоа, по 1944 година, македонски јазик – тоа е нивно право – но поддржете ги моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето. Но кога станува збор за Владата на Република Македонија, МАНУ, УКИМ и другите институции во државава, тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења на светските лингвисти, слависти, историчари, хуманисти, етнолози, според кои македонскиот јазик, идентитет, историја, култура имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија.
Вториот проблем ќе го именувам како „проблем на демократијата“. Кажано со стручни зборови, консоцијалната демократија како систем на поделба на моќта меѓу етничките групи, а не како систем на поделба на моќта меѓу еднаквите индивидуи, за Македонија стана опасност по стабилноста и нормалното функционирање на системот. Со други зборови, еднаш и засекогаш треба да се отстрани доминацијата на малцинството над мнозинството (притоа, предочувам дека и двете доминации, доминацијата на малцинството над мнозинството, но и доминацијата на мнозинството над малцинството, се штетни и треба да се спречат со различни механизми). Тоа придонесе, во спрега со некои други фактори, демократските институции на државава, од независноста на Македонија до денес, сѐ повеќе да еродираат. Денес, за жал, во Македонија нема демократско владеење, туку недемократско дивеење.
Целиот текст може да го прочитате ТУКА.