Не оставајте ги долго на собна температура по Велигден

Варените велигденски јајца не треба да стојат долго време на собна температура, иако често се користат како декорација на празничната трпеза. Неправилното чување може брзо да доведе до нивно расипување.

Експертите предупредуваат дека варените јајца се почувствителни од свежите. Со варењето се отстранува природниот заштитен слој од лушпата, што ги прави поподложни на бактерии и надворешни влијанија. Доколку стојат надвор од фрижидер повеќе од два часа, веќе може да станат небезбедни за консумирање.

Колку долго се безбедни и како да се чуваат

Праксата јајцата да стојат со денови во корпи на масата по празникот не се препорачува. Доколку се чуваат на собна температура, треба да се изедат што е можно побрзо.

Во фрижидер, пак, варените јајца можат да останат безбедни за јадење неколку дена, најчесто до околу шест дена.

Неправилното складирање може да доведе до труење со храна. Можни се симптоми како гадење, повраќање и дијареја, па затоа се препорачува внимателност за да се избегнат здравствени проблеми по празниците.