И покрај тоа што беше најавено дека граничниот премин „Богородица“ ќе биде отворен, грчката полиција не ги пропушта возилата и граѓаните. Колона возила е пред границата, но и во меѓузоната.
Од МВР велат дека се должни да ги пропуштат возилата кон Грција, бидејќи добиле известување од македонското МВР.
Проблемот со непропуштањето на возила и граѓани кон Грција е бидејќи граничната полиција не добила известување од властите дека од денеска е дозволен влез во земјата од граничниот премин „Богородица“.
Според најавите од денеска ќе требаше да биде отворен граничниот премин со Грција за сите граѓани на Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против ковид-19 или позитивен резултат за антитела.
Премиерот Зоран Заев по вчерашната средба со Мицотакис во Атина ја потврди информацијата за отворањето на границата.
Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија.
Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР тест нема да се бара од туристите кои се имунизирани со вакцина на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или „Гамалеја“ (спутник).