Првите 30 електрични еколошки автобуси очекувам да се испорачаат во јануари, порано од предвиденото со договорот, вели вицепремиерот Александар Николоски во интервју за “360 степени”.
Тој во интервјуто ги отфрала сите сомневања поврзани со квалитетот на автобусите, додавајќи дека цела Европа зависи од батериите што се произведуваат во Кина.
” Со сигурност едно знам, затоа што ги знаеме техничките спецификации, а тоа е дека батериите ќе се произведуваат во Кина, од причина што во моментов на европскиот пазар, зборувам на европскиот пазар, не можете да најдете електричен автобус кој што користи батерии различни од кинеските. На пример, минатата година бев во државна посета на Чешка, бев и во Шкода, дадоа индикативна цена од 650.000 евра по автобус. Кога прашав зошто е толку висока, нашата е околу 320.000, рекоа затоа што мора да купуваат батерии од Кина и го кажаа тоа што и истражувањето на пазарот го покажа, а тоа е дека сите користат кинески делови”, истакна Николоски и додаде:
” Дали некој дел ќе биде произведен во Кина? Па вие имате цела индустрија во Македонија. Еве, на пример, подвозјето за Мерцедес Е-класа се произведува во Бунарџик. Ауди сега, голем дел ќе се произведува во Битола, во Кромберт и Шуберт. Делови за Порше се произведуваат во Охрид, во Костел, па тоа не значи дека Порше прави лошо возила затоа што делови се произведуваат во Костел”-заклучи Николоски.