СЛУЧАЈОТ „ХОТЕЛ ШАР АН“ – РЕАЛНА СЛИКА НА АЛАРМАНТНАТА СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА
Додека Комисијата за култура на ВМРО – ДПМНЕ постојано алармира и бара да се преземат одлучни мерки за заштита на културното наследство и пред сè заштита на културните богатства на Скопската чаршија, власта уште еднаш на дело ја покажа својата незаинтересираност, инертност и неефективност во случаите со превенирање и спречување на криминално – профитерските планови на своите партиски кадри и соработниците од коалиционите партнери.
Криминалното уривање на хотел ,,Шар Ан“ во рамките на старото градско јадро на главниот град на државава, во, со посебен Закон и Стратегија заштитената целина на Скопската чаршија, чие постоење е исторски датирано од XV век, а чие монументално потекло датира уште поназад, во XI век, е случај за кој апелираме цела година. Вчерашните случувања предизвикаа силна реакција во јавноста, чија жестина е правопропорционална со молкот на одговорните владини претставници. Инволвираноста на кадрите на СДСМ и нејзините коалициски партнери организирани во криминална банда, делува навистина застрашувачки.
Дрското бришење на оваа културна реликвија не само што означува безобѕирно непочитување на историското значење на културен простор во стариот дел на градот заштитен на највисоко ниво, туку и покажува со прст кон свесното искористување на коруптивните механизми, како начин на функционирње на оваа власт.
Рушењето на хотел ,,Шар Ан“ е трагичен случај кој не претставува обична архитектонска загуба, туку посочува на системското распаѓање на државата, во која желбите за профит свесно ги прескокнуваат црвените граници за заштита на културно-историското наследство. Тајните зделки за вакво неовластено тргување со културното богатство на една држава, креираат слика на систем кој гние во своето јадро, во кое се вмешани поединци од различни државни институции и приватни правни лица.
Значењето на Старата скопска чаршија не смее да се потцени, таа е монументален градски комплекс, културна ризница од сите видови културно наследство, таа е доказ за богатиот со наследство простор на Македонија и секоја нејзина девастација не е само чин на уривање на еден објект, туку дрзок напад врз богатата историја на Македонија.
По овој еклатантен чин на агресија врз културното наследство, довербата во властите е разнишана до тој степен, што ја остава јавноста сама да извлекува заклучоци, да суди и да се бори со прашањата за лична и колективна одговорност.
Наспроти изобилството декларации и прогласи за светоста на културното наследство ширум светот, наспроти потпишаните резолуции за прифаќање на Бледски договори или Љубљански процеси, се чувствува отсуство на брза, остра и решителна акција за зачувување на ваквите веќе ретки историски градби. Во ова се крие страшната вистина дека, профитот и личните интереси ја надминуваат личната и професионална етика и законската обврска за грижа и нега на македонското културно богатство.
Неспорна е одговорноста на раководителите на институциите, но неизбежно е прашањето за одговорноста и на другите раководни државни службеници во истите тие институции. Тие се клучните сегменти во системот на квалитетна работа кои треба да ги евидентираат и посочат сите недостатоци и неправилности во одредени постапки поврзани со заштитата. Очигледно е дека недостатоците и неправилностите се премолчувани токму од раководните државни службеници. Затоа, повторно прашање до министерката: По кои критериуми се поставуваат раководителите на институциите и раководните државни службеници на носечките сектори во нив? Случувањата од вчера наликуваат на вешто замрсено клопче со свесна намера, кое спротивно од логиката треба да се отплеткува од центарот.
Во општество каде што заштитата на културното наследство е на најниско можно ниво и после бројните наши укажувања не добивме одговор ниту видовме нечија одговорност. Сѐ ова предизвикува сериозно длабока загриженост. Јавноста продолжува да го изразува своето згрозување, опозицијата во континуитет бара одговорност, а хотел ,,Шар Ан“, едноставно, го нема.
Во годината во која Комисијата за култура интензивно и професионално укажува и реагира, од културната мапа на Македонија, преку ноќ, исчезнуваат цели локалитети и културно–историски добра, зад чие неповратно бришење стојат токму владините кадри, функционери, раководни државни службеници и нивните бизнис соработници.