Државното земјиште во Македонија по брза постапка завршува во раце на бизнисмени. Ова го потврдува случајот на големиот градежен играч, Фатмир Етеми. Неговата компанија „ЗСФ-КОМ“ успеа да се стекне со сопственост на атрактивни парцели во близина на поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“. Државното земјиште било приватизирано по багателна цена, иако се работи за локација во строгиот центар на главниот град, каде што квадрат се продава и за 2.000 евра.
Документите до коишто дојде редакцијата на „Само прашај“, добиени од Агенцијата за катастар на недвижности по неколкумесечно истражување покажуваат дека Министерството за финансии на крајот на минатата година (29.12.2021), кога сите се подготвуваа за прославата на Нова година, донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на Етеми за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, според документите, наменети за изградба на хотелски комплекс.
Сите четири парцели се запишани во еден имотен лист со број 58982 во Центар. Министерството за финансии пресметало дека за приватизацијата, компанијата „ЗСФ-КОМ“ треба да плати надомест од 290.394 денари. Ова значи дека еден квадрат чини 438 денари или само 7 евра.
Купи имот на една, стекни право на друга парцела
Парцелите на коишто Етеми им „фрлил око“ и кои на крајот успеа да ги стави под негова капа имаат долг историјат. Најголемата меѓу нив, КП 280/13 во 30-те години на минатиот век била во сопственост на Југословенската државна железница, за потоа низ годините да премине во државна сопственост на Република Македонија и на крајот, да заврши во рацете на бизнисменот преку решение за приватизација издадено од Министерството за финансии, предводено од Фатмир Бесими, кадар на ДУИ.
Од документите станува очигледно дека Етеми ги искористил поволностите коишто ги создадоа властите изминативе години за легализација на дивоградби.
Па така, тој во септември 2017 година купил недвижен имот (земјиште и стан) на улицата „Васил Ѓоргов“, коишто се дел од парцелите КП 280/17 и КП280/2. Ама, затоа што во истиот Имотен лист е и КП 280/13, која произлегувала од стара парцела каде што имало легализирана дивоградба, и таа се запишува со право на сопственост по основ на легализација.
Бизнисменот со поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ на 2 октомври 2020 година потпишал договор за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со сопственици на објекти за коишто има решение за легализација, за што Етеми платил по едно евро квадрат за објекти со вкупна површина од 171 квадратен метар или нешто над 10 илјади денари. Градежното земјиште е со намена А1, односно домување во станбени куќи. Ова било доволно за Министерството за финансии на крајот да даде „амин“ за приватизацијата на државното земјиште.
„Корисници на градежно земјиште се и правните лица кои користат градежно земјиште по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа, а не се евидентирани како корисници во катастарот на земјиште, односно не се запишани како корисници на земјиштето во катастарот на недвижности, при што земјиштето е евидентирано, односно запишано како сопственост на Република Македонија“, се вели во образложението од Министерството за финансии.
Со едноставни зборови, Министерството за финансии „оправдување“ за одлуката да го приватизира државниот имот во корист на Етеми нашло во тоа што бизнисменот купил легализиран објект (порано дивоградба) на стара парцела, од којашто произлегувала новата парцела со број 280/13.
Од ресорот предводен од Фатмир Бесими формулирале дека „со пренесување на правото на сопственост на објектот е пренесено и правото на користење на градежното земјиште во општествена, односно во државна сопственост, а во рамки на градежната парцела“.
Етеми сака да гради деловна зграда на 15 ката
Бизнисменот Етеми од Општина Центар засега не е побарал дозвола за градење на парцелите коишто се близина на НИП „Нова Македонија“ и каде во моментов има неколку трошни објекти.
Но, од локалната самоуправа откриваат дека тој бара спојување на парцелите, па наместо хотел и зграда, таму да никне деловен објект.
„Со важечкиот ДУП, на наведената локација се предвидени две градежни парцели, од кои едната е со намена хотел, а другата со намена домување – станбена зграда. До Општина Центар – Скопје поднесена е и иницијатива за промена на овој дел од деталниот урбанистички план, со која се бара спојување на двете парцели во една и промена на намената во објект за деловна намена“, велат од Општината.
„Само прашај“ разговараше со бизнисменот Фатмир Етеми. Тој потврди дека планира изградба на деловна зграда на 15 ката, со градинка. И тој ни потврди дека таму сега има две парцели, едната стекната преку дооформување на парцела, наменета за домување и онаа со хотелот преку приватизацијата од Министерството за финансии. Но, идејата за голем кружен тек кај НИП „Нова Македонија“ му ги „поматило“ плановите.
„Со сегашниот ДУП се предвидени станбена зграда и хотел. Таму има две маркици. Но, бидејќи не е соодветно да има станбена зграда покрај кружен тек и хотел, за кој давачките за комуналии, односно надоместокот за уредување на градежно земјиште е минимален, што не е во интерес и на Општината, иако таков е законот, затоа ние како сопственици на објектите и на земјиштето предлагаме двете маркици да се спојат во една за деловна зграда, за да нема станбена зграда и хотел. Со тоа ќе имаме заеднички интерес со Општината, а просторот ќе се уреди похумано“, вели Етеми.
За цената од 7 евра по квадрат, за којашто успеал да се стекне со државен имот вели оти е поголема, споредено со онаа кога би се отуѓувало земјиште со намена за хотелски дејности, кога имот може да се земе и за евро од квадрат, апсурди за коишто „Само прашај“ веќе пишуваше.
„Дел од земјиштето е приватизирано по одредба на Владата, односно на Министерството за финансии по цена од околу 430 денари за квадрат. Другиот дел од земјиштето е купено од приватни сопственици по друга цена“, вели Етеми.
Молк од Министерството за финансии
Во време кога за граѓаните е вистински подвиг да се купи стан, кога на пазарот има празни станови ама цените остануваат високи, а градежниците прават големи профити, „Само прашај“ побара одговори од Министерството за финансии дали за нив, како чувари и креатори на државната каса е оправдано да се приватизира државно земјиште во строгиот центар на градот за само 7 евра за квадрат. Но, оттаму решија да молчат и да не одговорат на прашањата, што не оди во прилог на заложбите за транспарентно управување со парите на граѓаните и со државниот имот, а фрла и сомнеж врз целиот случај. Обид да обезбедиме одговори од Министерството за финансии направивме и преку Владата, но и тој беше неуспешен.
Прашањата на коишто Министерството за финансии не даде одговори
1. Министерството за финансии на 29.12.2021 година донело РЕШЕНИЕ за приватизација на градежно земјиште на барање од компанијата „ЗСФ-КОМ ДООЕЛ“ УП. Бр. 25-100/21. По кој основ е одлучено во корист на фирмата?
2. Дали претходно имало вакви примери на приватизација на земјиште врз основа на имот на една парцела (КП 280/17 и КП280/2 КО Центар 2 да се дозволи приватизација на друга парцела КП 280/13) и дали тоа значи дека некој може да купи објект на една парцела и да се стекне со право на друга парцела?
3. Како парцелата КП 280/13 произлегува од КП 280/2? Може ли да ни дадете објаснување?
4. Како се стекнува земјиште без надомест за врз основа на тоа да може да се приватизира државен имот?
5. Дали за Владата/Министерството за финансии, како чувар на државната каса е оправдано за приватизација на 663 квадратни метри да се плати 290.394 денари или 428 денари за квадрат (7 евра за квадрат во строг центар)?
Понекогаш молчењето е погласно од зборувањето. Станува јасно дека во Македонија законите и уредбите се пишуваат за да се овозможи реализација на градежни шеми, од кои на штета на државата и на граѓаните профит остваруваат поединци. Последниов случај само потврдува дека приватниот интерес секогаш успешно „плива“ низ институционалните лавиринти, за разлика од обичните граѓани коишто од институциите коишто ги плаќаат, со денови чекаат да добијат и најелементарна услуга. Кога се работи за задоволување на градежните апетити во Скопје, тогаш се чини дека „само небото е лимит“.