Претседателката на досегашниот парламент наКосово и в,.д. претседателка на државата Вјоса Османи ја закажа за идниот понеделник, 22 март, конститутивната седница на новиот собраниски состав, по вонредните парламентарни избори на 14 февруари
Според соопштението од кабинетот на Османи, конститутивната седница е закажана откако Централната изборна комисија ги објави конечните резултати од изборите.
Апсолутен победник на овие избори е Самоопределување на Албин Курти, кој се очекува да биде иден косовки премиер, односно повторно да биде избран на функцијата.
Изборната листа на Самоопределување, кон која се приклучи и Османи, со неколку соработници од нејзината доскорешна партија Демократскиот сојуз на Косово, освои 50,2 отсто од гласовите. Второрангирана е Демократската партија на Косово, со 17 отсто, а следат досега владејачките Демократски спјуз со 12,73 и Алијансата за иднината на Косово со 7,12 отсто од гласовите.
Според овие резултати , партијата на Курти обезбеди 58 места во 120-членото Собрание на Косово, Демократската партија ќе има 19, Демократскиот сојуз 15, а Алијансата за иднината осум пратеници. Десетте пратенички места кои според косовскиот Устав се загарантирани за претставниците на српската заедница во Косово ги освои Српска листа, а уште десет места им припаѓаат на претставниците на шесте други помали етнички заедници – Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците.