Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Охрид остварила работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, соопштија од Министерството за култура.

Средбата се одржала во Завод и Музеј-Охрид, а учествувале и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.

– Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО, во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион, потенцирала Костадиновска – Стојчевска, се наведува во соопштението.

На средбата станало збор и за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.

Во соопштението се додава дека министерката со македонските експерти ги информирала членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи меѓу кои Предлог на закон за управување со светското природно и културно наследство и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

– Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски, стои во соопштението.

Средбата била дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата, во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“, во Република Албанија и во Македонија.