Менаџерот Велибор Џаровски – Џаро, познат како „крал на местенките“ во порнаешна Југославија, Европа како и низ целиот свет утрово почина по кратко боледување. Во своите интервјуа тој јавно говори како наместил 80 фудбалски натпревари од југословенската фудбалска лига.

Не криеше дека главен мотив биле парите

Џаро е познат и како менаџер на Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, Бјело Дугме и други естрадни ѕвезди, но никогаш не сокрива дека главната мотивација му се парите. Ќе остане запаметен по двата спортски натпревари: ракометен натпревар 0:0 и фудбалски 134:0.

Во разговор за спрскиот Телеграф, како што пренесе Засе, Џаро отворено говори за луѓето со кои соработувал, зошто има наместено фудбалски натпревар со резултат 134:0, како завршил во затвор во Сплит поради наместени 23 натпревари и открива дека секаде во светот и понатака се местат фудбалски натпревари. Џаро тврди дека знае многу за разни местенки, но веќе не е „заштитен“ како некогаш.

– Не знам се бидејќи сум далеку од Белград, веќе 7-8 години, кога бев таму знаев за сите местенки што се случуваат. Јас немам веќе здравје а ни години за притвор и други глупости, а го нема веќе ни стариот Белград да каже: „Не го пипкајте Џаро“, затоа што бев заштитен како мечка.

Сите местеа, но Звезда најмалку

Приказната која е најдрага за Џаро – местење во старата Југославија, за која Џаро како одговори дека сите местеле натпревари. Џаро запрашан дали во местењето биле заплеткани и великаните Црвена Звезда, Партизан и Динамо Загреб, тој искрено одговори:

-Звезда најмалку местеше, затоа што Звезда и немаше што да мести. Тие имаа најдобар тим во Европа.

За се постои цена па така за различни натпревари имаше различни цени.

– Се зависеше од тоа дали се работи за опстанок, прво место, Куп на УЕФА, Куп на шампиони. Најмногу се плаќаше за Куп на УЕФА и за опстанок – говори Џаро, и додава со какви мерки пристапувале одредени моќни луѓе и политичари за натпреварот да заврши со резултатот кој они го замислиле:

– Македонија беше исклучена од струја, додека Вардар не и даде бод на Приштина, па ние моравме да дадеме бод за Македонија да има струја. Така одредени политичари градеа политички кариери, а Приштина тогаш остана во лигата. Интересно е тоа како ние станавме прваци на Светското првенство во кошарка во Љубљана. Тито тогаш беше во ложата, а Стане Доланц наместо да ги праша играчите дали им треба некој пешкир или сок, тој трчаше кон кабинетот на судијата, изврши притисок и ние станавме светски прваци. Тоа беше лажирање, говори Џаро и додава дека постоеле чести притисоци од „врвот“.

Прво ја измамил родената мајка, завршување во средно, па се останато

Џаро почнал со ситни измами, кога својата фамилија ја навел да поверува дека неговата мајка добила автомобил – популарното „Фичо“.

– Тогаш постоеше наградна игра, „Филтер Југославија“ беа најпродавани цигари низ цела Југославија. Мојата мајка ги пушеше овие цигари, а во нив се паѓаше „Zastava 750“ (популарното Фичо), и јас напишав: „Вие сте добитник на Zastava 750 и ја подметнав кутијата цигари на мојата мајка. После два часа ги видов во дворот како се радуваат сите и планираат каде ќе биде гаражата, па ми рекоа: „Фичото ќе го вози само сестра ти, ти нема да смееш, ти си луд“. Целата измама ја смислув во сабота за да неможат да проверат дали кутијата цигари е навистина добитна. Кога ме открија во понеделникот, дојдоа и ме прашаа дали е тоа мое масло, а јас им одговорив: „Нормално дека е мое, чие би било иначе? А вие мислевте да и го дадете на мојата сестра да го вози, а мене не?! – низ смеа кажуваше Џаро.

Џаровски тврди дека умеел и на професорите од средно да им намести свадби.

-Наместив и да завршам средно училиште. Наместив да положам кај професорот кај кого требаше да полагам, затоа што го оженив за една моја соученичка. Го повикав кај мене и му реков: „За ова што те женам со неа, да ми ги наместиш прашањата“, а он ми рече да го изберам првото ливче од лево. Доаѓам јас на испит, го одбирам првото ливче од лево, а професорот во тој момент го дува носот. Го отварам ливчето и гледам не се истите прашања, па ја прашувам комисијата дали може да ги сменам прашањата, а они да ми дадат една оцена помалку. На моето прашање една од професорките одговори: „Ти не знаеше ни за двојка, а сакаш оценка помалку?“. Овој мојот професор тогаш го бришеше носот бидејќи ливчето беше прво од неговата лева страна не мојата. Го земав тоа ливче и почнав да зборам како Радивоје и Марко Маркович, а они ми „залепија“ една шлаканица и ми кажаа: „Мрш пи**а ти материна, четири години не знаеше ништо, а сега одеднаш збориш како коментатор“.

Велибор местел дури и „хуманитарни концерти“ за да ги исплати своите коцкарски долгови и парите кои ги губел по коцкарниците, па во една прилика одлучил да ги измами и големите ѕвезди на поранешна Југославија.

– Јас изгубив многу пари во казиното „Авала“ во Црна Гора, а таму на Видиковец во Бечичи тогаш пееа Јасна Злокич, Маја Оџаклиевска, Здравко Чолич, Даниел, група Макадам итн. Собрав манекенки и пријатели да ми помогнат, а само Маја знаеше за што се работи. Им реков да направиме еден хуманитарен концерт таму каде што се гради „Стара Будва“ бидејќи на тоа место паднала цигла и усмртила еден работник, а децата останале сираци. Тој што настрадал од циглата всушност бев јас, а тоа беше „цигла од рулетот“. Направивме концерт, па дојдоа политичари и донираа пари. После концертот им кажав на пеачите за што се работи, а нивните пари подоцна им ги вратив – искрено завршува на крајот Џаровски.

Повеќе пати во затвор

Џаро иако бил добро заштитен, неколку пати бил апсен поради фудбалски местенки.

– Три пати бев во затвор поради фудбалот. Тогаш беше аферата „Тетекс“ во која беа притворени 42 лица, али затоа и „Сплитска афера“ за која ме обвинуваа за наместени 22 натпревари, а реално беа 23. Тогаш судијата не сакаше никако да праша за натпреварот Хајдук – Слобода (1:1), бидејќи како што рече, „сакал слободно со децата да излезе на Рива“. Не сакаше да се збори за тој натпревар, а како што го слушнав тоа утро рече: „Зашто да го чепкам за тој натпревар, кога веќе имам други 22?“.

Фудбалски натпревар 134:0, Ракометен натпревар 0:0!

Џаровски го обвинуваа за 22 натпревари, но он низ цела поранешна Југославија гордо се фалел дека наместил преку 80 натпревари на разни начини.

– Постои разлика помеѓу местење и лажирање. Местење е кога учествуваат двата клуба, а лажирање е она кога некој играч ќе направи црвен картон, друг пенал, голманот ќе пушти гол или автогол. И во едната и во другата ситуација најбитна е „црната ташна и парите“.

Најпознатото местење на Џаро е во нашата македонска четврта лига помеѓу Лескоец – Велгошти, која е одиграна во 1971 год., а завршила со резултат од 134:0, и еден второлигашки ракометен натпревар кои завршил со резултат 0:0.

-Морав да го направам тој резултат 134:0, зошто се плашев дека некој друг ќе направи поголем, па со оглед на тоа што другите наместија резултат од 96:0, јас морав да се осигурам и да направам поголем од нив.

Организирал многу фудбалски местенки и лажирања како и преку 5000 концерти, но ништо од тоа не му е важно во однос на еден фудбалски успех.

– Живеев во две нормални држави во цела Југославија, и тогаш бев прв во својата работа. Мене не ми се најголеми успеси Здравко Чолич, Горан Брегович, Тереза Кесовија, Мишо Ковач, Бора Чорба, и кој знам друг… Мене најголемиот успех во кариерата ми е Слога Југомагнат во периодот од 1996 до 2001. Освоивме два купа и три првенства во Македонија. Слога Југомагнат е она што е Чукарички за Србија – Џаро сликовито го опишува својот успех.