Баравме привремено преземање на ингеренциите во однос на изградбата на Универзална сала, но мора да се запази процедурата. Чекаме од Град Скопје да ни даде увид во состојбата, ама веќе три месеци немаме никаков одговор, истакна вечерва министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката во вечерното гостување на телевизија „Сител“ појасни дека градоначалничката Данела Арсовска била запознаена и согласна со процедурата.
– Ние бевме заедно со министерот за локална самоуправа кај градоначалничката. Таа се согласи дека ќе направиме промена на инвеститорот односно Министерството да се јави како инвеститор, да ја изградиме Универзална и потоа повторно да ја вратиме на Град Скопје, појасни министерката.
Посочи дека повторно ќе се обратат до градоначалничката Арсовска, особено поради фактот дека Град Скопје е влезен во потесна конкуренција да биде европска престолнина на културата за 2028 година.
– Ние сакаме само да помогнеме за Универзална сала. Парите стојат на сметка, направени се сите проверки што требаше да се направат од ИЗИС дека е стабилен. Тоа е проект поголем од било чие инаетење, подвлече Костадиновска Стојчевска.
Во однос на најавата за отворање на македонски културен центар во Благоевград, Костадиновска-Стојчевска рече дека Министерството за надворешни работи е во фаза на преговори и изрази надеж дека во најскоро време таа канцеларија ќе биде отворена.
На гостувањето во централниот дневник на „Сител“, министерката, исто така, кажа дека се решени проблемите со долговите на Опера и Балет, Универзитетската библиотека и Албанскиот театар. Појасни дека проблемот со овие институции биле стари долгови, извршни решенија и загубени судски спорови.