Претседателот на Владата на Македонија Димитар Ковачевски во интервју за НРТВ истакна дека од Македонија ќе зависи колку брзо земјата ќе се движи по европскиот пат, за да стане полноправна членка на Европската Унија. Премиерот потенцираше дека Македонија е исправена пред голем предизвик во справување со борбата со корупцијата и криминалот и со владеење на правото. Ковачевски вели дека нашата држава има 45% усогласено законодавство со европското, но уште поважно е спроведувањето на тие закони.
Она што е предизвик на Македонија и коешто е предизвик на сите земји коишто поминале низ една широка општествена, економска и демократска трансформација, а тоа се практично сите земји кои што произлегоа од бивша Југославија, од оној поранешен Источен блок на земји, е борбата со корупцијата и со владеењето на правото. На сите институции, на сите поединци коишто водат институции, е тоа да го спроведуваат како највисок приоритет, бидејќи очекувањата и на меѓународната заедница, меѓутоа и очекувањата пред сé на граѓаните, на економските субјекти, на академските субјекти е токму спроведување на законот и владеење на правото и борбата против корупцијата. И тоа е нешто што самите ќе мораме да го направиме се разбира со помош на нашите стратешки партнери, рече премиерот Ковачевски во интервјуто.
Македонија е држава која благодарение на стратешкото партнерство со САД, добива искуства, финансиска помош и помош во знаење и унапредување на полето во борба со корупцијата, истакна премиерот. Државата има поддршка и од Европската Унија преку голем број на проекти, на финансиски поддржани активност, преку ИПА проектите и преку други инструменти и механизми на ЕУ како и преку преговорите, истакна претседателот на Владата Ковачевски.