Претседателот на Владата на Република С. Македонија Димитар Ковачевски денеска на средбата во Истанбул со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган заеднички ги констатирале традиционално добрите и пријателски релации помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата со шефот на тирската држава, на која присуствуваа и министерите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски, премиерот Ковачевски го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.

Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка.

-Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од осмото место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде шестото место на листата најзначајни трговски партнери на Македонија, се наведува во соопштението.

На средбата, се додава, беше потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Турција во нашата земја таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив на странски инвестиции.

Премиерот Ковачевски му се заблагодари на претседателот Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на  Македонија во НАТО, која, се наведува, од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.

Македонија и Турција, потенцираа во меѓусебниот разговор Ковачевски и Ердоган, ја продолжуваат исклучително добрата соработката меѓу министерства за одбрана на двете земји во однос на модернизацијата на Армијата на Северна Македонија, како и во областа на воената обука и едукацијата, но и заедничкото учество во мировни операции и вежби.

Премиерот Ковачевски му упати покана на претседателот Ердоган да ја посети нашата земја, како продолжение на сите други посети на високо ниво и за охрабрување на бројните проекти што се преземени за дополнително унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Турција, стои во соопштението од прес-службата на Владата.