Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва ги повика граѓаните на општа мобилизација на 8 мај и да гласаат за европска и сигурна иднина во Македонија и да не дозволат ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт во државата.
„Гласот ‘за’ СДСМ е глас за вас, за вашите блиски, вашите деца, внуци. Гласањето ‘за’ е глас за европска Македонија“, истакна Ковачевски.
Според него, поддршката од ЗНАМ за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, Ковачевски ја оцени како јасен доказ дека СДСМ е единствена социјалдемократска и прогресивна политичка опција во државата.
„Маските паднаа! Јас постојано говорев дека тој политички субејкт е направен единствено за лична корист и заради поддршка на ВМРО–ДПМНЕ. Но ние нема да дозволиме ниту ВМРО, ниту ЗНАМ, ниту кој било друг да си игра со нашата иднина и иднината на нашите деца. Немаме никакво право нив да им го ускратуваме она што го имаат нивните врсници низ Европа. Имаме историска должност и обврска да обезбедиме европска иднина за нашите деца“, рече тој.
Лидерот на СДСМ ги повика граѓаните на 8 мај масовно да излезат на гласање и да ја поддржат европската иднина на Македонија. „Иднината на Македонија е во Европската унија, во друштво на развиените западни демократии. Затоа, подаваме рака на сите прогресивни и проевропски сили за идна соработка и повикуваме на општа мобилизација на сите напредни граѓани на 8 мај“, нагласи Ковачевски.
„Доаѓањето на ВМРО на власт ќе стави крај на независните медиуми, на независното судство, правдата и правичноста, на сметка на зголемените меѓуетнички тензии. Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ играат опасна игра. Она што е во наша корист е тоа дека сите знаеме како изгледа владеењето на режимот“, рече Ковачевски.
И носителот на изборната лизста на „Четворката“, Венко Филипче, повика на голема мобилизација.