Премиерот Димитар Ковачевски планира да закаже состанок со директорот на Македонската телевизија за да се види каков договор е потпишан, како оди сигналот надвор и каква услуга добива нашиот национален сервис во делот на емитувањето на програмата во други држави.
-Потпишан е договор за емитување на Бугарската телевизија кај нас и за нашата телевизија во Бугарија што и било направено тогаш, но во меѓувреме, и ова е прашање што мора да му се постави на директорот на Македонската телевизија и раководството, бил раскинат договорот за сервисот преку кој можат да го преземат сигналот други држави од Македонската телевизија. Тие склучиле некаков договор кој технички треба да се објасни, давателот на услуги не овозможува бесплатно симнување на сигналот од страна на оператори во други држави. Проблемот е креиран од порано. Јас разговарав со дел од институциите задолжени за медиумската сфера и за ова прашање планирам да свикам состанок со директорот на МРТ на кој ќе присуствуваат и други институции за да се види каков договор потпишале, како оди сигналот надвор и каква услуга добива нашиот национален сервис во делот на емитување на програмата во други држави. Да провериме дали и во други држави има можност да се симне сигналот на Македонската телевизија и таму да биде гледан од страна на нашите граѓани, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по денешната посета на маркет во скопската населба Тафталиџе.