Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за ТВ Алсат-М истакна дека Владата ги презеде сите неопходни чекори уште на почетокот на енергетската криза за да се ублажат ценовните шокови за граѓаните и стопанството.
-Го намаливме ДДВ-то за резиденцијалните потрошувачи, односно за домаќинствата и за малите потрошувачи од 18 на 5% бидејќи го предвидовме ова што се случува. Издвоивме финансиски средства во буџетот во значителен износ со цел да можеме да извршиме субвенционирање на трошоците за електрична енергија која што граѓаните ја плаќаат, за да не се случи ценовен шок за граѓаните и тоа не се случи бидејќи има држави каде што за 50-60% е покачена цената на струјата, рече претседателот на Владата Ковачевски во телевизиското интервју, и дополни дека од оваа перспектива со мерките што се преземаат континуирано сѐ уште се држиме до основното сценарио во однос на цената на електричната енергија.
Премиерот Ковачевски посочи дека предвидувањата укажуваат дека кон средината на оваа година ценовниот притисок ќе се намали и дека ќе следува стабилизација на цените.