Фемицидот не смее да се третира како изолиран случај или приватен семеен проблем, туку како најекстремна форма на родово базирано насилство. За негово спречување се потребни конкретни мерки, ефикасни истраги, доследно спроведување на законите и координирано дејствување на надлежните институции.
Ова беше нагласено на Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која денеска започна во Собранието. Дводневниот настан го организира Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а учествуваат претставници на институциите, парламентите, правосудството, меѓународните организации и граѓанскиот сектор од земјите во регионот.
Во фокусот на конференцијата се законодавните и институционалните одговори на фемицидот, парламентарниот надзор, механизмите за следење и собирање податоци, како и стандардите за идентификување и истражување на родово поврзаните убиства.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, ја нагласи одговорноста на законодавниот дом не само при носењето закони, туку и при следењето на нивното спроведување преку надзорната и буџетската функција.
Таа посочи дека Собранието треба да утврдува дали донесените законски решенија се применуваат во практиката и дали надлежните институции располагаат со доволно ресурси за ефикасно да постапуваат.
На конференцијата беше истакнато дека спречувањето на фемицидот бара заедничка и координирана работа на сите релевантни институции. Беше порачано дека родово базираните убиства не смеат да се разгледуваат како изолирани настани или прашања ограничени на семејната сфера.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, во видеопорака оцени дека насилството врз жените претставува сериозно прашање поврзано со човековите права и безбедноста.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, ја нагласи потребата од преземање конкретни мерки, подобра координација меѓу институциите и доследно спроведување на законите.
Посебно внимание на конференцијата беше посветено на иницијативата „Femicide Watch“. Нејзината цел е систематско собирање и анализирање податоци за родово базираните убиства, кои треба да придонесат за создавање превентивни политики засновани на докази.
Во рамките на дводневниот настан се разгледуваат и искуствата од земјите во регионот, улогата на парламентарниот надзор и постапувањето при истрагите за случаи на фемицид и обиди за фемицид.
Учесниците разговараат и за можностите за унапредување на мултисекторската поддршка на жртвите на родово базирано насилство.
Регионалната конференција продолжува утре, кога се очекува да бидат претставени заклучоците, препораките и следните чекори за подобрување на институционалниот одговор и превенцијата на фемицидот.
