Премиерот Димитар Ковачевски денеска оцени дека само ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието, а не целата опозиција, како и дека тоа го прави од политички причини, „заради обезбедување некакви внатрепартиски позиции“.
Ковачевски порача пратениците да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат пред граѓаните зашто во Собранието, посебно сега, рече, треба да се донесат многу важни закони.
Парламентот, нагласи Ковачевски, е место каде што треба да се негува демократијата и да се разговара, а не да се користи за блокирање и за бојкотирање, бидејќи тоа не носи никому ништо добро.
-Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, досега велев опозицијата, меѓутоа очигледно е дека не е опозицијата, туку дека се работи само за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги гледаме другите политички партии кои имаат поодговорен пристап од опозицијата, дека ова го прават чисто од политички лични причини, за обезбедување некакви си позиции во самата партија. Уште еднаш ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат не пред партија, туку пред граѓаните, со оглед дека Собранието треба да работи за да се носат закони што значат унапредување и на стандардот, на задржување на стандардот на граѓаните, меѓутоа и на овозможување подобри услови на компаниите во ова кризно време, напомена Ковачевски одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги интензивира блокадите и дека може да излезе на улица.
Тој потсети и дека веќе го кажал својот став околу блокадата на ВМРО-ДПМНЕ.
-Веќе дадов неколку изјави во однос на тој пристап. Сметам дека е апсолутен погрешен во време на вакви кризни услови. Ги гледате изјавите на сите лидери во Европа, меѓутоа и на сите лидери во соседството, дека се работи за исклучително кризен период. Не очекува исклучително тешка зима и Владата работи на обезбедување се што е потребно за ценовните шокови да бидат што помали и на обезбедување на енергенсите кои ќе овозможат непречено снабдување на домаќинствата, но и непречено снабдување на индустријата. Во подготовка е и ребалансот кој предвидува намалување на сите трошоци кои не мора да бидат направени со цел да има средства за најранливите категории граѓани и за поддршка на компаниите кои веќе почнаа да се реализираат преку Банката за развој, објасни премиерот.
Според него, Собранието е место каде што сите политички партии се застапени.
-Собранието е место каде што постојат комисии за сите области во општествениот и економскиот живот каде што на најдемократски начин може да се разговараат сите законски решенија, можат да се унапредуваат сите законски решенија и исто така Собранието е место каде што треба да се негува демократијата, каде што треба да се разговара токму за тоа што кажав, а не да се користи за блокирање и за бојкотирање, бидејќи тоа не носи никому ништо добро, потенцира Ковачевски.