Предложената измена на член 123-а од Законот за семејството од страна на група пратеници, во функција на извршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во предметот Митревска против Северна Македонија (бр. 20949/21, 14.05.2024 година), претставува позитивен чекор, но бара дополнителни концептуални, материјалноправни и процесноправни подобрувања.

Во светло на член 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и стандардите на Ревидираната европска конвенција за посвојување деца од 2008 година (CETS бр. 202), се отвораат неколку клучни прашања што бараат темелно преиспитување.

Формулацијата „ограничен увид“ е правно недоволно определена и не го афирмира во доволна мера постоењето на субјективно право. Член 22 став 3 од Конвенцијата изречно го признава правото на посвоеното дете на пристап до информациите што се однесуваат на неговото потекло, додека судската практика на ЕСЧП го третира сознавањето на биолошкото потекло како составен дел на личниот идентитет, заштитен со членот 8. Законот треба изречно да го признае ова право и да ги утврди условите за негово ограничување, а не само да предвиди можност за ограничен увид во документацијата.

Квалификувањето на податоците за посвојувањето како „службена тајна“ треба да се замени со концептот на доверливост и заштита на личните податоци. Во предметот Митревска, судот утврди дека режимот на апсолутна тајност без можност за правична рамнотежа меѓу правата на посвоеното лице и приватниот живот на биолошките родители претставува повреда на Конвенцијата. Член 22 прави јасна разлика помеѓу правото на сознавање на потеклото и заштитата на информациите од трети лица без легитимен интерес, па доверливоста не смее да значи тајност за самото посвоено лице.

Законот исто така мора да направи јасна разлика помеѓу идентификациските податоци што го откриваат идентитетот на биолошките родители и неидентификациските податоци поврзани со семејната, медицинската и генетската историја. ЕСЧП како сериозен недостаток ја посочи токму неможноста за пристап до неидентификациските информации, па заштитата на идентитетот на родителите не смее автоматски да го спречува пристапот до останатите податоци.

Пристапот до медицинските информации не треба да биде условен исклучиво со постоење на сериозно заболување или загрозеност на здравјето. Информациите за генетските предиспозиции и наследните заболувања се клучни за дијагностицирање, лекување и превенција, поради што мора да подлежат на помалку рестриктивен режим.

Законот не смее да ѝ остави прешироки дискрециони овластувања на Комисијата без прецизни критериуми за одлучување. Потребно е воспоставување правична рамнотежа, при што евентуалното противење на биолошките родители не смее да значи апсолутно вето, туку мора да почива врз индивидуална процена и начелото на пропорционалност.

Паралелно со тоа, мора да се гарантираат стручноста, непристрасноста и независноста на органот што одлучува, со јасни механизми за спречување на судир на интереси доколку истото тело учествувало во постапката за посвојување. Механизмот за одмерување на правата мора да биде реален и ефективен.

Неопходни се прецизни процесни гаранции, вклучувајќи рок за одлучување од 30 дена, образложена одлука, право на ефективен правен лек, судска контрола и чување на документацијата најмалку 50 години од правосилноста на посвојувањето, по примерот на законодавствата во Германија, Швајцарија, Шпанија, Португалија и Норвешка.

Крајната цел е суштинска промена на правната парадигма: премин од тајност кон заштита на личниот идентитет и доверливост, при што сознавањето на потеклото ќе биде правило, ограничувањата исклучок, а посвоеното лице субјект и носител на права.