Од денеска, 1 февруари, еврото е единствена официјална валута за плаќање во Бугарија, додека левот повеќе не се прифаќа за стоки, услуги и други обврски, соопшти бугарското Министерство за финансии.

Според законот за воведување на еврото, цените на стоките и услугите ќе останат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година. Мерката има цел да обезбеди транспарентност и да спречи шпекулативни практики, јавуваат бугарските медиуми.

Граѓаните кои сè уште поседуваат левови ќе можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година. По овој рок, Националната банка на Бугарија ќе продолжи да обезбедува бесплатна и неограничена замена на левовите во евра.

Министерството потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот при секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.

Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21. членка на еврозоната.