Шведска од 2028 година ќе ја забрани употребата на таканаречените „вечни хемикалии“, познати како PFAS, во производите за широка потрошувачка. Ограничувањето ќе се однесува на облека, обувки, козметика и кујнски прибор, со што земјата ќе биде меѓу првите во Европа што воведуваат толку строги правила пред заедничката регулатива на Европската унија.
Шведската министерка за животна средина и клима, Ромина Пурмохтари, изјави дека PFAS немаат место во облеката, козметиката, кујнскиот прибор и другите секојдневни производи кога за нив постојат ефикасни алтернативи.
Таа нагласи дека Шведска нема да остане настрана додека овие хемикалии продолжуваат да се шират во домовите, животната средина и човечкото тело.
Забраната треба да стапи во сила на 1 јануари 2028 година и ќе опфаќа облека, обувки, текстилни производи, средства за импрегнација на обувки, кујнски прибор, козметика и восоци за скии.
Франција претходно годинава веќе забрани одредени видови PFAS во облеката, обувките, козметиката и восоците за скии, со ограничен број исклучоци.
Шведските правила ќе се применуваат сè додека не биде усвоена единствена регулатива на ниво на Европската унија. Европската комисија планира во 2027 година да претстави предлог за пошироко ограничување на PFAS во производите за широка потрошувачка, меѓу кои облеката и амбалажата за храна, вклучително и кутиите за пица.
Предвидени се исклучоци за стратешки области, како медицината. Пред да го подготви предлогот, Европската комисија го очекува второто мислење од Европската агенција за хемикалии за економските и социјалните последици од забраната, кое треба да биде објавено до крајот на годината.
Првото научно мислење на Агенцијата, објавено на крајот на март, го поддржа воведувањето широки ограничувања за употребата на PFAS во Европа.
