Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека „напад врз складиште за гориво не создава добри услови за продолжување на мировните преговори“.

Тој додаде дека за инцидентот е информиран претседателот на Русија, Владимир Путин и оти Москва се обидува да го реорганизира синџирот за снабдување.

Москва тврди дека два украински хеликоптера нападнале складиште за нафта во рускиот град Белгород. По нападот изби пожар, а повредени се две лица.

Белгород се наоѓа на околу 30 километри од украинската граница, а на 60 километри од украинскиот град Харков, што пак е бомбардиран од руските трупи уште од почетокот на војната.

Во меѓувреме, украинскиот преговарач Михаило Подољак изјави дека почна нова рунда „онлајн“ украинско-руски преговори.

– Точно е. Двете страни тоа официјално го соопштија. Преговорите продолжија во „онлајн“ формат, со учество на работните подгрупи, истакна Подољак.