Обединетите нации усвоија нова официјална карта на светот на која Крим е визуелно одвоен од територијата на Украина. Киев оцени дека ваквиот приказ на анектираниот полуостров е спорен и упати протестна нота.
Картата, која беше прифатена на 4 септември, се заснова на проекцијата „Equal Earth“ – „Еднаква Земја“. На неа Крим е обоен во сива боја, додека останатиот дел од украинската територија е прикажан со зелена боја.
Полуостровот не е прикажан ниту како дел од Русија, која го анектираше во 2014 година. Сепак, Украина се спротивстави на визуелното одвојување на Крим од нејзината територија.
Украина беше една од седумте држави што не ја поддржаа новата карта при гласањето. Освен Украина, воздржани беа уште пет земји – Естонија, Грузија, Литванија, Молдавија и Србија. Единствената држава што гласаше против резолуцијата беа Соединетите Американски Држави.
Резолуцијата под наслов „Да ја исправиме картата“ беше предложена од Того, со поддршка од Африканската унија, а за неа гласаа 164 држави.
Нејзината цел е Обединетите нации да престанат да ја користат традиционалната Меркаторова проекција, која значително го зголемува приказот на државите што се наоѓаат на северната хемисфера.
Новата проекција „Equal Earth“ е осмислена за пореално прикажување на вистинските соодноси меѓу големините на државите. Посебен акцент е ставен на пореалниот приказ на големината на Африка во однос на Европа и Северна Америка.
Делегацијата на Европската унија при ОН ја поддржа резолуцијата, но во официјалното образложение нагласи дека документот не ги регулира прашањата поврзани со суверенитетот, територијалниот статус и меѓународно признатите граници.
„Нагласуваме дека оваа резолуција не се занимава со прашањата на суверенитетот, територијалниот статус, разграничувањето или меѓународно признатите граници на државите, ниту пак влијае врз нив“, наведе делегацијата на ЕУ.
Во изјавата се додава дека резолуцијата „не подразбира признавање, поддршка или прифаќање на какви било барања поврзани со спорните територии, промени на постојните граници или измени на правниот статус на која било територија“.
Американскиот претставник објасни дека САД не гласале против резолуцијата поради прашањето за границите. Тој ги обвини авторите на картата дека таа претставува дел од „радикален идеолошки проект“ чија цел е да промовира репарации.
