Истрагата за даночно затајување и перење пари, која започна вчера, денеска продолжи со претреси на 12 локации во неколку градови, вклучувајќи ги Скопје и Струмица. Досега се приведени четири лица, а според министерот за финансии, Панче Тошковски, станува збор за „криминал од епски размери“.

Откриени празни магацини – обид за неоснован поврат на ДДВ

Претресите покажаа дека магацини кои требало да содржат стока со висока вредност, според документацијата, биле празни. Ова сугерира обиди за даночно затајување преку фиктивни трансакции и неосновани барања за поврат на ДДВ. Полицијата открила дека дел од овие фирми вршеле фиктивна продажба на стока на непостоечки косовски државјани, што укажува на системски обид за измама.

Голем број од тие фирми завршувале со лажни продажби на македонските компании кон непостоечки косовски државјани. Јасно е дека во овој организиран криминал има значајна вмешаност на лица вработени во Управата за јавни приходи. Некои од нив во оваа предистражна фаза добиле само мерки на претпазливост. Се работи за обемна операција која во наредните денови ќе се прошири значително.

Врска со Еуростандард банка

Истражителите откриле поврзаност со случајот на Еуростандард банка, која пропадна поради ненаплатени кредити. Меѓу компаниите кои ги добиле овие кредити е Сара Инженеринг на Вице Заев, заедно со уште 29 други фирми блиски до семејството Заеви. Вкупната вредност на ненаплатените кредити изнесува речиси 13 милиони евра.

Запленети документација и дијаманти

Во текот на акцијата, Обвинителството за организиран криминал издаде наредби за запленување на масивна документација и електронски записи кои ќе бидат предмет на анализа. Полицијата пронашла и милионски суми на кеш и дијаманти, а меѓу приведените е познат струмички бизнисмен.

Неколку лица се во бегство, а полицијата продолжува со истрагата, која се очекува да се прошири во наредните денови.