Круме Спасовски (32) од Куманово, брат на модната креаторка Ива Спасовска, по повеќегодишен живот во Скопје и нешто повеќе од една година помината во Германија, заедно со сопругата и ќерката донел одлука да се врати и трајно да го продолжи животот во Македонија, пренесува Црнобело.

Од Скопје до Германија – и назад дома

Спасовски уште во трета година средно образование се преселил во Скопје, каде што ја запознал и сопругата Јулијана. Иако голем дел од семејството живее во главниот град, во 2024 година, во потрага по подобар живот, двајцата се преселиле во Германија. Таму најпрво живееле во Фирт, а подоцна и во Нирнберг, каде што престојувале до септември 2025 година, по што решиле да се вратат во татковината.

„Социјалниот живот и чувството на осаменост беа пресудни“

Круме вели дека Германија ја доживеал поинаку кога почнал реално да живее таму. Недостигот од социјален живот, чувството на осаменост, оддалеченоста од семејството, строгите правила и нефлексибилниот систем биле клучни причини за враќањето. Како дополнителни фактори ги наведува климата, високите трошоци, административните процедури и, како што истакнува, разочарувачкото искуство со здравствениот систем.

Работа, семејство и нов почеток во Македонија

Во Германија работел во Deutsche Post DHL, а подоцна и во FedEx, при што посочува дека платата била доволна за основен живот, но не и за комотност. Спасовски, кој потекнува од работничко и претприемачко семејство и има долгогодишно искуство во конфекцискиот бизнис, денес целосно се посветува на својата најголема пасија – автомобилите. Со сопругата имаат и 5-годишна ќерка, која, како што вели, е неговата најголема мотивација и главната причина зошто сакале да се вратат „таму каде што се чувствуваат свои“.